Граѓанските организации ќе и помогнат на Македонија да се подготови за развојна помош - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации ќе и помогнат на Македонија да се подготови за развојна помош PDF Print E-mail
Tuesday, 19 September 2017 14:32

Македонија треба да стане партнер на ЕУ, не да остане зависна од неа, истакна Никола Бертолини на тркалезната маса „Зајакнување на улогата на граѓанските организации во Македонија за развојна соработка и глобални прашања“ која се одржа во х. Арка во Скопје на 7 септември 2017г. Присутните дискутираа за напредокот и потенцијалот на Македонија во развојната соработка како примател, но и обезбедувач на помош.Slika 1

Никола Бертолини од Делегацијата на Европската Унија (ДЕУ) се осврна на промените кои може да ги предизвика силно граѓанско општество. Според него клучна ќе биде довербата и поврзаноста на граѓанските организации со граѓаните која сега не е на задоволително ниво. Бертолини потсети дека Македонија треба да ја подобри околината во која делува граѓанското општество и тоа, дијалогот со државните институции, државното финансирање и недостатокот на финансиска и политичка поддршка.

За нивото на напредок во поглед на спроведувањето на развојните политики говореше Орхидеја Каљошевска од Секретаријатот за европски прашања. Според неа, граѓанскиот сектор има акумулирано големо искуство кое може да се употреби во развојната соработка, и таа гледа на секторот како партнер на институциите. Најголема дискусија предизвика потребата од програмски пристап при координацијата на помошта за Македонија и воспоставување единствена база на податоци со информации за можности на финасирање.

За потенцијалот на Македонија за развојна соработка и за процесот на локализација и спроведување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации говореше Симона Огненовска од МЦМС.

„Македонија досега нема постигнато напредок во законското усогласување и структурата за развојни политики согласно поглавјето 30 од правото на ЕУ во областа на хуманитарна и развојна политика“, истакна таа. „Имено, иако во 2010 година се формираше Одделението за хуманитарна и развојна помош во рамките на МНР со двајца вработени како одговорни за неговите активности, сепак во моментот тоа не е функционално“. Според наодите кои таа ги презентираше, недостатокот на вклученост на граѓанското општество во развојната соработка во Македонија е последица на стагнацијата на процесот на интеграција во ЕУ.

slika 2

„Официјалната развојна помош којашто Македонија ја добива значително е зголемена од 2012 година (214 милиони УСД во 2015 год.) и се наоѓа меѓу првите десет земји приматели (8 место). ЕУ е главниот донатор и скоро половина (44%) од ОДА се доделува на друга социјална инфраструктура и услуги“ додаде таа. Иако СЕП е клучната институција за координација на помошта, таа на својата веб-страница не обезбедува ажурирани информации за ефектите на пристапот на координацијата, ниту пак повеќе детали за целите и опфатот на добиената странска помош од други донатори, покрај ЕУ.

Огненовска истакна дека речиси сите земји од Западен Балкан, освен Србија, прават подготвителни чекори за интегрирање и усогласување на ЦОР во постоечките национални стратегии. Дел од препораките на граѓанските организации од регионот се обезбедување поголема информираност за глобалните процеси, соработка на регионално и локално ниво, спроведување на ЦОР, барање на отчет од владите преку подготовка на тематски извештаи во сенка за нивната имплементација и сл. За националните влади, клучна препорака е формирање на посебни институционални структури, како што е Националниот совет за одржлив развој во кој ќе бидат вклучени граѓанските организации и би имале значајна улога во подигнување на јавната свест, понатаму унапредување на образованието, поттикнување на граѓанското учество, справување со катастрофи и хуманитарни активности и др.

На настанот учествуваа претставници на државни институции, граѓански организации, но и меѓународни организации. Сите се согласија дека граѓанското општество треба да биде вклучено во мерењето на напредокот и влијанието на политиките со што ќе придонесе во развојните политики.

Настанот беше дел од регионалниот проект „Подготовка за развојна помош”, кој го спроведува МЦМС на национално ниво. Регионален координатор на проектот е Хоризонт3000, а партнери од ЕУ земји се СЛОГА од Словенија, Понтис фондацијата од Словачка и КРОСОЛ од Хрватска, БЦСДН и Конкорд. Покрај МЦМС, активностите ги спроведуваат: Граѓански иницијативи и Граѓански парламент од Србија, ЦРНВО од Црна Гора, ИДМ од Албанија. Проектот е финансиран од Австриска агенција за развој и членките на Хоризонт3000.

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Граѓанските организации ќе и помогнат на Македонија да се подготови за развојна помош