Граѓанското учество е ниско, а граѓаните незаинтересирани и неинформирани Print
Tuesday, 13 March 2018 14:22

Над 63% од граѓаните не комуницираат со пратениците од нивната изборна единица, градоначалникот или советниците од нивната општина. Поголем е процентот на оние што не се заинтересирани, отколку на оние кои не знаат како да го направат тоа. Гледано од перспектива на етничка припадност, поголем процент од етничките Македонци се незаинтересирани, во споредба со етничките Албанци каде поголем процент не знаат како да го направат тоа. Ова го покажа најновото истражување на МЦМС и Телевизија Телма посветено на граѓанското учество во процесите на одлучување на локално или национално ниво.

Gragjanskoto uchestvo e nisko a gragjanite nezainteresirani i neinformirani

Најчесто препознаена форма на граѓанско учество е референдумот (23,2%), но од друга страна таа е најмалку практикувана во последните пет години (13,25). Учеството на јавни трибини  (25,6%) и учеството на собир на граѓани (21,4%) се најчесто користените форми. Граѓаните немаат верба дека нивните сугестии ќе бидат земени предвид (34,8%), тоа е најчестата причина за слабото учество, потоа следува неинформираноста (28,0%) и незаинтересираноста (23,9%). Сегашната процедура за употреба на формите на граѓанско учество е добра за 43,6% од испитаниците, додека 35,6% сметаат дека таа треба да се поедностави и да се овозможи онлајн прибирање на потребните потписи.

Во начинот на комуникација, граѓаните се сѐ уште традиционални, односно повеќе и веруваат на директната комуникација (63,1%) отколку на онлајн (20,6%), или на писмената ( 12,8%) комуникација. Нивната перцепција е дека граѓаните повеќе се вклучуваат на локално ниво (50,3%), но, најголем број од нив (71,9%), никогаш не биле вклучени во одлучувањето во нивната општина. Вкупно 41,7% сметаат дека нема ефекти од вклучувањето на граѓаните, а 15,7% сметаат дека ефектите се негативни.

Граѓаните им забележуваат на пратениците и советниците дека не се достапни за нив. Вкупно 38,3% сметаат дека никогаш не се достапни, додека само 6,0% рекле дека секогаш се достапни. Од друга страна, ни самите граѓани не покажуваат интерес за контакти со народните избраници.

Речиси 70% од испитаниците рекле дека им предизвикува лутина информацијата за тоа колкави се сумите за патни трошоци на пратениците. Сличен процент (67,2%) сметаат дека платата на пратениците е висока според функцијата и обврските на работното место.

За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците за последната анкета беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 27 февруари до 5 март 2018 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД.


Related: