Н.М.: Дискриминираните без закон и со продолжена дискриминација Печати
Вторник, 16 јуни 2009 11:41

По пет години неуспешни обиди да се донесе закон против дискриминација, сега се дојде до тоа ЕУ да нè условува дека без ваков закон нема да ни ги укине визите.

Н.М.: Дискриминираните без закон и со продолжена дискриминација

Жена со хендикеп, државјанка на Македонија и на Холандија, ќе покрене судска постапка затоа што смета дека била жртва на дискриминација на еден од македонските аеродроми. Откако се симнала од авионот, аеродромот не и обезбедил инвалидска количка за да ги помине процедурите за влегување во државата. Службениците ја разделиле од личниот помошник, а потоа се утврдило дека ја загубиле и нејзината количка, без која таа не може да се движи. Жената била носена на раце за да и удрат печат во пасошот.

Тоа ќе биде првата тужба во Македонија со која граѓанин ќе тужи за дискриминација, велат во невладините организации што покренаа иницијатива за закон против дискриминација. Тужбата ја подготвува поранешен судија со големо искуство во случаите на прекршување на човековите права.

Лице со хомосексуална ориентација се обидело да донира крв за да му помогне на свој близок со здравствени проблеми. Лекарите одбиле да му земат крв. Организацијата „Месечина“ од Гостивар поднесе претставка до министерот за правда и до Судскиот совет против судија и јавен обвинител за кои смета дека охрабриле дискриминација. Реакцијата следува по сообраќајна несреќа во центарот на Скопје, при што двајца Роми биле повредени, а еден загинал. „Пијаниот возач бил изведен пред истражен судија, кој му зел изјава и го пуштил на слобода. Ова ни дава право да се сомневаме во дискриминација од страна на судството. Се прашуваме како може возачот, познат продуцент во МТВ, да биде пуштен на слобода по тешка сообраќајна несреќа со еден починат и двајца повредени“, се вели во реакцијата на „Месечина“.

Високообразован 40-годишен електроинженер бил одбиен на неколку огласи за вработување бидејќи еден од условите што го барале работодавците е кандидатите да не се постари од 30 години. Д.С. од Скопје не може да земе кредит од банка или да купи стан по поволни услови бидејќи повластените услови важат само за млади брачни двојки.

Ова е само дел од примерите за дискриминација со кои секојдневно се соочуваат хендикепираните, Ромите, хомосексуалците, сексуалните работнички, зависниците од дрога, повозрасните и други граѓани поради нивната работа, возраст, сексуална определба, етничка или верска припадност. Дискриминираат државата и нејзините институции, приватните фирми, партиите, универзитетите... Иако Уставот вели дека сите граѓани се еднакви пред законите, пристапот до правдата не е ист за сите. Дискриминацијата, која е длабоко вгнездена во системот, сега ќе се искоренува со закон, кој Македонија мора да го донесе откако Европската Унија го наметна како еден од условите да ни ги укине визите.

Ромите непожелни во дискотеките, зависниците од дрога - во болниците

Ромите се меѓу најдискриминираните граѓани. Тие секојдневно трпат понижувања што се несвојствени за развиените демократии и поради што дискриминаторите плаќаат високи казни, велат во ромските невладини организации.

Во „Месечина“ посочуваат неколку примери: група Роми се обиделе да влезат во дискотека во Скопје за да го гледаат настапот на Џеј Рамадановски. Обезбедувањето не ги пуштило со образложение дека газдите забраниле во дискотеката да влегуваат Роми. Според „Месечина“, истото се случува и на базените во неколку града во Македонија.

- Зарем има поголема дискриминација што ја прави државата врз децата и возрасните Роми што од различни причини не се евидентирани дека постојат. Тоа се од 3.000 до 5.000 граѓани на Македонија, кои бидејќи немаат извод од матичната книга на родените, не можат да одат в училиште, не се вакцинирани, немаат здравствено осигурување. Оваа група луѓе се најдискриминираните во државата - вели Мухамед Точи, координатор на секторот за човекови права во „Месечина“.

Според него, од 1990 година досега невработеноста на Ромите никогаш не била помала од 70 отсто што е премногу во споредба со невработеноста кај другите етнички заедници.

- Како со толкава војска невработени зборуваме за еднакви можности за сите граѓани. Помина времето кога државата се бранеше дека нема доволно образовани Роми. За разлика од 90-те години кога студентите Роми се броеја на прсти, сега има повеќе од 200 дипломирани, но и невработени Роми - вели Точи.

Пред две години, министерот за финансии Трајко Славески седна да пие кафе во едно од елитните кафулиња на кејот „13 Ноември“ во Скопје со група млади Роми, на кои претходно не им било дозволено да седнат во кафулето. Примерот на Славески не го следеше никој друг од власта.

Невладината организација „ХОПС - Опции за здрав живот“ обвинува дека државата, општините и болниците ги дискриминираат зависниците од дрога.

- Во Скопје требаше да има три центри за лекување од зависност. Поминаа четири години, центрите уште не се отворени оти се противеа општините. Се доведовме во ситуација лични убедувања и предрасуди на локални моќници да одлучуваат дали некој треба да се лекува. Станува збор за најмалку 3.000 лица само во Скопје на кои им е ускратено правото на здравствена заштита. Во меѓувреме, починаа и 36 лица кои сакаа да се лекуваат. Тие можеби сега ќе беа живи ако им се овозможеше неопходната нега - велат во ХОПС.

Од таму додаваат дека во последните два месеци двапати се случило државната клиника да одбие да санира рани од долготрајно инјектирање на двајца зависници.

- Ако има закон, за ваквите случаи ќе покренеме судски процедури и институциите ќе се замислат дали ќе дискриминираат - велат во ХОПС.

Дискриминацијата допрва ќе се мери

Македонија е меѓу последните држави во регионот што сè уште немаат закон за заштита од дискриминација. Не е утврдено колку точно е присутна оваа појава во македонското општество. Според искуствата на невладините организации, граѓаните не знаат како да заштитат ниту каде да се жалат.

Степенот на дискриминација допрва ќе се мери. Тоа ќе го спроведе невладината организација „Полио плус“ заедно со Министерството за труд и социјална политика, МЦМС и Центарот за човекови права, со поддршка на Европската комисија. Истражувањето ќе биде спроведено по теркот на евробарометар, како што се прави во државите членки на Унијата.

- Според резултатите од анкета што уште не се објавени, во моментов најчеста е дискриминацијата врз основа на политичка припадност - вели Мирјана Најческа од Институтот за социолошки и политичко - правни истражувања.

Според неа, дискриминацијата нема да се спречи само со закон - потребна е силна политичка волја.

Во „Полио Плус“ велат дека дискриминирачки одредби има и во законите.

- Во законот за вработување инвалиди се вели дека за да биде на раководно место, лицето мора да помине категоризација. Тоа е апсурдно, инвалид да не може да биде шеф. Лице со хендикеп не може да се запише на Полициска академија. Нели Уставот гарантира дека образованието е достапно за сите? Сите имаме исти права, но немаме еднакви можности да ги оствариме тие права - велат во „Полио Плус“.

Последната верзија на Законот за заштита од дискриминација вели дека за заштита на граѓаните одговорен ќе биде народниот правобранител, во рамки на својата надлежност. Невладините организации тврдат дека тоа не е доволно. Тринаесет од нив, собрани во Коалиција „Македонија против дискриминација“ предлагаат да се формира посебно тело кое ќе се грижи за сите аспекти - од едукација на граѓаните до судските постапки бидејќи Народниот правобранител нема големи надлежности во овој дел. Според невладиниот сектор, основна цел на законот не треба да биде да се исполни условот од ЕУ, туку ефективно да се заштитат граѓаните. Последната верзија на законот е затрупана со многубројни забелешки, пред сè, затоа што не постои ниту прецизна дефиниција што е дискриминација.

Казните од 400 евра до 1.000 евра

Највисоката казна за прекршител на Законот за заштита од дискриминација е 1.000 евра во денарска противвредност. Тоа е казна за државни институции, општини, партии и други институции кои вршат јавна дејност правно лице кое „ќе го повреди достоинството на друг, со цел да предизвика страв, непријателско, понижувачко или навредливо опкружување врз основа на разлика на пол, раса, боја на кожа, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотна и општествена положба“.

Казната за физички лица е од 400 до 600 евра.

Само една иницијатива пред Уставниот суд

Од осамостојувањето на Македонија до денес пред Уставниот суд беше поднесена само една иницијатива за преиспитување на одредба за дискриминација. Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2002 година го оспори правилникот за воена служба, според кој лице со хомосексуална определба не може да служи војска и да биде поставено на висока функција во војската. Уставниот суд ја одби иницијативата. Потоа Хелсиншкиот комитет се обрати до Судот за човекови права во Стразбур. На крај Владата ја укина одредбата од овој правилник.

Автор: Сунчица Стојановска

Извор: Нова Македонија