Државата сè уште треба да биде најодговорна за нас Печати
Среда, 06 април 2011 10:39

Општествена одговорност на граѓаните[Прес соопштение] МЦМС спроведе повеќе истражувања за прашања од општествен интерес, меѓу кои и за општествената одговорност на граѓаните. Ве известуваме за резултатите од делот што се однесува на одговорноста за општествените прашања.

Според одговорите на испитаниците, државата (50,5 %) сè уште е најодговорна за решавањето на општествените потреби. Вакви биле очекувањата и во 2009 година (51,9 %). Повисоки очекувања од државата постојат меѓу етничките Албанци (56,8 % во 2011 г., 61,1 % во 2009 г.), земјоделците (63 %) и граѓаните од пониска класа (62,5 %).

Високите очекувања кон државата, со пониски очекувања од самите граѓани и скоро отсуство на очекувања од приватниот сектор, говори за етатистичката култура, како остаток на државниот социјализам, односно мала јавна поддршка на устројување на Македонија како либерално-демократски уставен систем.

општествена одговорност на граѓаните

Постои висока согласност (72 %) за тоа дека новиот развој, вработување и оспособување на граѓаните се решение за проблемите. Во социјално-хуманитарна помош решение гледаат повеќе граѓаните со најниско ниво на образование (45,5 %) како и највозрасните граѓани (20,4 %). Земјоделците (25,9 %) и етничките Албанци (18,1 %) пак повеќе од националното ниво (12,9 %) очекуваат одговорност на државата.

Луѓето треба да преземат повеќе одговорност за грижата за самите себе, сметаат 55,9 % од граѓаните, 59,9 % од граѓаните сметаат дека треба да се зголеми приватната сопственост врз претпријатијата, а 53,5 % сметаат дека државата треба да им даде повеќе слобода на претпријатијата. Ставот дека луѓето треба да преземат повеќе одговорност за грижата за сами себе расте со степенот на образование од 22,7 % во незавршено основно до 59,6 % во вишо/високо образование, како и со социјалниот статус од 45,2 % во пониската класа до 58,3 % во повисоката класа. Мнозинство од 53,7 % од етничките Албанци очекуваат државата да преземе поголема одговорност, наспроти 38,1 % од етничките Македонци кои имаат такви очекувања.

Етничките Албанци сметаат дека најодговорен за решавање на потребите во општеството е државата (56,8 %), дека државата треба да преземе поголема одговорност за секој да го има она што му е потребно (53,7 %) и дека општествените проблеми може да се решат со барање на одговорност од државата и влијание на јавните политики (18,1 %).

Анкетата беше спроведена во декември 2010 г. на репрезентативен примерок од 1.050 испитаници од страна на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), чија одговорност беше и методолошката исправност на анкетата.


Поврзани: