Со помош на Форумите во заедниците Василево и Босилово добија нови машини - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Со помош на Форумите во заедниците Василево и Босилово добија нови машини PDF Печати Е-пошта
Петок, 31 јануари 2014 00:00

Заврши форумскиот процес во општините Василево и Босилово. Повеќе од 100 граѓани дојдоа на последната сесија што се одржа на 28 јануари 2014 година во Босилово, да слушнат и уште поважно, да ги видат резултатите од спроведениот проект за кој тие гласаа пред речиси една година.

so pomosh na forumite vo zaednicite vasilevo i bosilovo dobija novi mashini 1

Во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“ во Босилово, беа паркирани двете нови машини со кои се обновува возниот парк на комуналните претпријатија на двете општини. Механизација за јавни комунални претпријатија. Машините ќе служат за чистење на каналите за атмосферски води, за санирање на водоводните дефекти, за чистење снег итн. Со нив ќе бидат превенирани поплавите, а на тој начин ќе се одбегнат големите материјални штети, ќе се заштити почвата и ќе се обезбедат квалитетни земјоделски производи. Клучевите од двете возила, на двајцата градоначалници им ги предаде Стефано Лазарото, амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија.

„Учеството во носењето одлуки на локално ниво не е лесен процес“, рече во своето обраќање Лазарото. „Како Швајцарец знам колку тој процес бара од граѓаните, бара време, бара посветеност. Затоа сакам да им честитам на граѓаните за успешното завршување на форумот, но и на градоначалниците за нивната решеност на овој начин, преку консултации со граѓаните да ги носат одлуките“. Лазарото изрази надеж дека и по завршувањето на форумот ќе продолжат консултациите меѓу граѓаните и локалната самоуправа.

so pomosh na forumite vo zaednicite vasilevo i bosilovo dobija novi mashini 2

Набавката на механизацијата чинеше вкупно 7.316.000 денари од кои 3.400.000 беа обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, 3.400.000 се општински средства, а двете комунални претпријатија заедно инвестираа 516.000 денари.

„Ова беше едно позитивно искуство и мило ми е што дел од моето време го посветив на присуството на форумите и работилниците. Добро е кога на крајот ќе се видат резултатите од работата, тоа ви дава сила да продолжите понатаму. А, за нас, понатаму би биле слични вакви процеси во кои пак заедно ќе одлучуваме, затоа што ние граѓаните, најдобро знаеме што е најприоритетно за нас“, изјави Марјанчо Трајков од Василево. Задоволството не го криеше ни Катерина Пандева од Босилово. „Се чувствувам горда затоа што бев дел од работилниците и учествував во подготовката на концептите и проектите. Убедена сум, а тоа го потврдуваат и реакциите на моите сограѓани, дека го направивме вистинскиот избор. Верувам дека оваа пролет нема да се соочиме со лошите слики од поплавите и дека тоа сега ќе биде зад нас. Форумот беше интересно искуство. Имајќи ги предвид заложбите на градоначалниците, се надевам дека ваквите консултации со граѓаните ќе продолжат, а јас сакам да бидам дел од нив“, рече таа.

На сесијата беше презентирана и информација за преземените активности во однос на препораките за приоритетните потреби и проблеми дадени од страна на граѓаните до општината, од која можеше да се заклучи дека добар дел од нив веќе се реализирани или се во тек на реализација.

so pomosh na forumite vo zaednicite vasilevo i bosilovo dobija novi mashini 3

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Со помош на Форумите во заедниците Василево и Босилово добија нови машини