Кон реформирано државно финансирање на граѓанските организации Печати
Среда, 15 јуни 2016 16:04

Демократијата претставува универзална вредност што се темели на слободното изразување на волјата на граѓаните да ги одредат своите политички, економски, социјални и културни системи, како и целосна вклученост во општествените процеси. Оттука, граѓанското општество има суштествена улога во промовирањето на демократијата и напредокот на општество. Граѓанските организации потребно е да бидат вкоренети, одржливи и ефективни чинители, за да ја исполнат својата улога на водачи на напредокот. Одржливоста на граѓанското општество претставува предуслов во напорите да се придонесе кон демократски и економски напредок и просперитет на државата.

Препознавајќи го значењето на граѓанското општество, во 2014 г. Европската Унија ги подготви Насоките за поддршката на ЕУ за граѓанските организации од земјите од проширување 2014-2020. Во насоките е истакната како неопходна потребата од овозможувачка финансиска околина за граѓанските организации за тие да можат да ги уживаат своите права во пракса. Сите релевантни меѓународни истражувања ја нагласуваат директната државна поддршка како најважен извор на финансирање на граѓанските организации, проследена со приходите генерирани од економските активности на граѓанските организации, а помалку од филантропски извори.

Одржливоста на граѓанскиот сектор во Македонија е предизвик, ако се земе предвид дека граѓанските организации доминантно се подржани од странски донатори, додека пак финансирањето од домашни извори е помалку присутно. Заради ова, како прва од вкупно пет слабости кои се карактеристични за граѓанскиот сектор во Стратегија за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор 2012-2017 е идентификувана недоволната финансиска одржливост.

Општата цел на проектот е придонес кон одржливо граѓанско општество врз основа на домашна финансиска поддршка.

Цел на проектот е придонес кон подобрена правна рамка за финансирање на граѓанските организации.

Очекувани резултати од проектот се: 1. Анализирани и идентификувани потреби за подобрена правна рамка за финансирање на граѓанско општество; 2. Дискутиран и препорачан модел за реформа на целиот систем за државна финансиска поддршка за ГО; 3. Зајакнати капацитети на ГО за финансиска одржливост и информирани државни службеници за транспарентно јавно финансирање. 

Резултатите ќе се постигнат преку следните активности: компаративна анализа на системот за поддршка на ГО на национално ниво; домашна анализа на системот за поддршка на ГО; студиска посета во Хрватска и Словенија; воспоставување на платформа на граѓански организации; препораки за хармонизација на системот на државно финансирање на граѓанските органзиации; национална конференција; прирачник за транспарентно и ефикасно државно финансирање на ГО; обука за државни службеници за државно финансирање на ГО и обуки за генерирање на приходи врз основа на домашниот систем за поддршка. 

Периодот на спроведување на проектот е од 1 јануари 2016 г. до 30 јуни 2017 г.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 5.600.000 МКД, од кој учество на МЦМС е 5.380.000 МКД.