Преку младинско дебатирање до поотчетна и потранспарентна локална власт во Гостивар Печати
Вторник, 20 декември 2022 15:25

Осуммина средношколци од Гостивар, веќе две недели се дел од Школата за дебатирање што ја организира здружението Organized Youth Association од Гостивар. „Овие две недели на Школата за дебатирање научив нови работи кои досега не ги научив ниту на училиште“, рече Онур Акику, еден од учесниците, додека пак на Фета Сакири, овие активности и помагаат слободно да ги изрази своите мисли и да се соочи со другите. 

2 MCMS

Работилницата која се одржа на 17 ноември 2022 година во Центарот за млади во Гостивар (Youth and Community Centre) беше интензивна, a учесниците научија повеќе за комуникацијата, активното слушање, перцепцијата и интервјуто како суштински дел од дебатата. 

Новите вештини ги испробаа на темата: „Дали треба да се дозволи користење на мобилни телефони за време на часот“, при што покажаа добро артикулирање на мислите и доволен опис на аргументите.

Мотивацијата на здружението за започнување на проектот е залагањето за отчетност и транспарентност на кандидатите за градоначалници на Гостивар за време на целата политичка кампања за општинските избори 2021 година. За жал, според здружението, за сега се останува за зборување, без спроведување. Од друга страна, интересот на младите за отчетност и институционална транспарентност бледнее, па се стекнува впечаток дека да се сака да се згасне критичкиот и разумниот глас на младите. Јавните дебати се многу важни за транспарентноста, а за жал тие не се многу чести во Општина Гостивар, сметаат од OYA.

4 MCMS

Целта на проектот е зголемување на транспарентноста на локалната власт преку поттикнување на јавната дебата, отчетноста и вклучувањето на младите во донесување на одлуки.

Школата за дебатирање ќе трае осум недели, а младите ќе имаат можност да дебатират на разни теми, но да научат многу и за дебатата и комуникацијата, вештини кои ќе ги употребуваат во активностите кои следуваат, односно во јавните дебати.

Спроведувањето на оваа дебатна школа е овозможено со проектот  „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).