И МАКЕДОНИЈА И ЕВРОАТЛАНТСКИ ИНТЕГРАЦИИ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

И МАКЕДОНИЈА И ЕВРОАТЛАНТСКИ ИНТЕГРАЦИИ PDF Печати Е-пошта
Среда, 26 март 2008 01:00

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Хуманитарната организација Ел Хилал, Полио Плус – движење против хендикеп, Националниот совет на жените на Република Македонија (НСЖМ - СОЖМ), ХДЗР Месечина, Здружението на граѓани ОХО и Асоцијацијата за демократски алтернативи (АДИ) го изразуваат своето мислење за овој период на одлука за евроатлантската интеграција на Македонија со заедничкиот став: „И Македонија и евроатлантски интеграции“. Наместо дилемите „или – или“ потребно е да се фокусираме на постигнување на зачувување на името и покана за НАТО членство.

Поаѓајќи од принципите на меѓународното право, вклучително и правото на самоидентификација, поаѓајќи од Уставниот поредок на Република Македонија, уверени дека одговори на проблемите секогаш треба да се бараат низ отворен и траен дијалог, темелен врз полна меѓусебна почит и доверба, ние, претставниците на граѓанските организации, го изразуваме следното мислење:

И МАКЕДОНИЈА И ЕВРОАТЛАНТСКИ ИНТЕГРАЦИИ

Македонија интегрирана во евроатлантските структури
Македонија и нејзините граѓани имаат постигнато согласност за потребата од членство во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО. Македонија направи значаен напредок во реформите и на развивање на своите односи со ЕУ и со НАТО, а со крајна цел за придружување кон нив. Статусот на земја-кандидат е доказ за нашите постигнувања.

Чекори за национален консензус и внатрешна кохезија - дијалог меѓу сите
Во овој период на одлука за евроатлантската интеграција на Македонија, од претседателот на државата, од Владата, како и од Собранието, бараме да го задржат нивото на национален консензус и да водат процес на барање заедничко решение.
Политичкиот дијалог, но и дијалогот меѓу сите граѓани на Македонија води во внатрешна кохезија  и е одговор и на меѓуетничките предизвици. Оттука ние сме посветени на понатамошно спроведување на Охридскиот рамковен договор.
Граѓанските организации се подготвени на активна поддршка на дијалогот и на градењето консензус.    

Македонија, право на самоидентификација, а не спор
Грција го оспорува правото на Македонија слободно да го бира своето име, иако има повеќе земји во Европа, како Луксембург или Молдавија, чие име е идентично со дел од територијата на соседна земја.
Правото на самоидентификација не може да биде спорно.

Македонија и Грција – политика на сила или партнери за просперитет
Македонија во името на добрососедството со Грција направи неколку значајни отстапки, како промена на националното знаме и усвојување уставни амандмани кои потврдуваат отсуство на територијални барања против соседни земји.
Единствената отстапка на Грција е приемот на Македонија во ООН.
Привремената спогодба од 1995 година доведе до значителен напредок на билатералните врски меѓу Македонија и Грција.
Барањето за понатамошни отстапки од Македонија, под уцена, не придонесува кон добрососедство и взаемно почитување на Македонија и на Грција.
Грција треба да направи чекор за декларирање на сопственото почитување на Македонија со изјава за прифаќање на етничкиот македонски идентитет во Македонија, на македонската култура и на македонскиот јазик.
И Македонија и Грција треба да изразат критичко растојание од историјата на античка Македонија, како универзална вредност.
Македонија треба да бара замена на привремената референца (ПЈРМ) во Обединетите нации, засновано на својот устав и без примена на тоа решение во односите со други земји.

Взаемно почитување со сите соседи
Македонија треба да продолжи со градењето добри односи со сите свои соседи.
Тоа може да биде реафирмирано со декларации за добрососедство.
Македонија треба и натаму да ги поддржува чекорите на ООН, на ЕУ и на НАТО во регионот, вклучувајќи го и планот на Ахтисари, пред сe поради националните интереси и развој на добрососедството.

Македонија заслужува покана за НАТО и треба да се фокусира на почеток на преговорите со ЕУ
Македонија своето сојузништво го докажа со реформите и со поддршка на мисиите на НАТО, на ЕУ и на ООН. 
Македонија ја заслужува поканата за членство во НАТО.
Македонија треба да продолжи со висока посветеност на почеток на преговорите и чекорите за членство во ЕУ.


Скопје, 26.03.2008 година

  • Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС)
  • Хуманитарна организација Ел Хилал
  • Полио Плус – движење против хендикеп
  • Национален совет на жените на Република Македонија (НСЖМ - СОЖМ)
  • Хуманитарно и добротворно здружение на Ромите „Месечина“ - Гостивар
  • Здружение на граѓани ОХО
  • Асоцијација за демократски алтернативи (АДИ)
 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести И МАКЕДОНИЈА И ЕВРОАТЛАНТСКИ ИНТЕГРАЦИИ