Се основаше сојузот Македонија без дискриминација Печати
Недела, 21 јуни 2009 10:04

На 16 јуни оваа година се одржа основачкото собрание на Сојузот Македонија без дискриминација. Македонија без дискриминација функционираше како неформален сојуз од март 2008 година.

Се основаше сојузот Македонија без дискриминација

Одлуката за формализирање на овој сојуз дојде како резултат на потребите од поорганизирано делување во областа на промоцијата на еднаквите можности и заштитата од дискриминација во Република Македонија. Македонија без дискриминација има за цел да придонесе кон праведно општество, без дискриминација, каде сите луѓе уживаат еднакви можности, како и придобивките од разноличноста.

Основачи на Сојузот се: Асоцијацијата за демократски иницијативи од Гостивар, Ел Хилал, од Скопје, Македонскиот центар за женски права - Шелтер центар од Скопје, Македонскиот центар за меѓународна соработка од Скопје, Националниот совет на жени на Македонија - СОЖМ од Скопје, Полио Плус-движење против хендикеп од Скопје, Првата детска амбасада на светот Меѓаши од Скопје, Хуманитарното и добротворно здружение на Ромите “Месечина” од Гостивар, ХОПС – опции за здрав живот од Скопје, Центарот за човекови права и разрешување на конфликти од Скопје и „Универзитет“ Трето доба од Скопје.

На основачкото собрание беше избран составот на првиот мандат на Собранието на Сојузот Македонија без дискриминација. За негови членови беа избрани следните претставници од организациите членки: Лулзим Хазири, Душка Пехчевска, Савка Тодоровска, Дарко Костовски, Мирјана Најческа, Гордана Пиркоска – Змијанац, Даниела Дабевска, Сашо Клековски, Мухамед Точи, Бехиџудин Шехапи, Звонко Шаврески сите претставници на организациите основачи. Со основачката седница на Собранието претседаваше Љулзим Хазири од АДИ, Гостивар.

Основачите го донесоа Статутот на Сојузот Македонија без дискриминација. Собранието ја усвои предлог – програмата на Сојузот Македонија без дискриминација и ги избра членовите на Управниот одбор и на надзорниот одбор. Новиот УО го сочинуваат: Лулзим Хазири, Савка Тодоровска, Мирјана Најчевска, Гордана Пиркоска – Змијанац, Александар Кржаловски, Мухамед Точи и Звонко Шаврески. Членови на Надзорниот одбор се: Даниела Дабевска, Бехиџудин Шехапи и Душка Пехчевска.

Неколку дена подоцна, на 18 јуни 2009 година се одржа и конститутивната седница на УО. На седницата за претседавач на УО беше избран Мухамед Точи, а за заменик претседавач, Мирјана Најчевска. В.д. Раководната канцеларија ќе биде во Полио плус, а Наташа Постоловска е назначена за в.д. Извршен директор на Сојузот Македонија без дискриминација.


Поврзани: