2002 - Образование за младите Роми - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

2002 - Образование за младите Роми PDF Печати Е-пошта

2002-godina-na-vlosena-ekonomska-sostojbaВо соработка со локални здруженија започнаа активности за образование на младите Роми во 15 заедници. Издаден е првиот Адресар на единиците на локална самоуправа. Во Охрид се одржа првиот состанок за поттикнување на соработката меѓу граѓанските организации на Балканот, што подоцна ќе прерасне во Балканската мрежа за развој на граѓанското општество.

Во 2002 година МЦМС беше на половината од својот трет среднорочен период (2001-2003). Среднорочните планови беа нарушени од кризата со вооружени судири во Македонија во текот на 2001 година. МЦМС, во овие отежнати услови, во текот на 2002  година се стабилизира и се врати на спроведување на долгорочните развојни програми, со постепено намалување на активностите за итна помош и поддршка на регионите погодени од кризата.

Летен камп во Охрид за 75 ученици

“Не сакав воопшто да се вратам од кампот”, рече Азра Рустемова, учесничка на кампот. Азра е шесто одделение во Основното училиште „Ѓорѓи Сугарев” во Битола. „Во Охрид е многу убаво, се запознав со многу деца, се капевме во езерото, игравме разни игри, правевме маскембал... Со сите деца станавме другари. На крајот, кога се разделувавме, плачевме. Иако ми беше жал за мајка ми, за сестрите, за братчето и за татко ми, сепак сакав да трае уште долго, барем уште две-три години. Ех, да можеше”, воздивнувајќи додаде Азра. „Не сакам да се вратам зашто знам дека дома пак ќе мора да продавам салфетки, пак секој ден на пазар истата мака, пак нема, пак нема време кога да учам. Ама, сепак, оваа година најмногу ќе учам, и без учебници да останам, како минатата година, кога бев во петто одделение, пак ќе бидам одлична за да можам да одам на летниот камп”, додаде таа.

Летниот камп се одржа од 1 до 11 јули, а имаше за цел да ги стимулира учесниците, да ги награди за трудот, но и да овозможи интеграција помеѓу нив. Тој беше дел од програмата Применето образование за младите Роми која спроведе во 15 заедници, во соработка со 15 локални здруженија. Програмата вклучи млади Роми на возраст од 11 до 25 години. Во овие заедници, во текот на учебната 2001/02 година настава следеле вкупно 18.984 ученици, од кои 3.373 се Роми (или 18% од вкупниот број ученици во 15-те училишта).

Адресар на единиците на локалната самоуправа

МЦМС за прв пат го издаде овој Адресар кој беше наменет за подобрување на меѓусебната информираност и комуникација на општините со другите актери вклучувајќи ги министерствата и нивните подрачни единици. Адресарот вклучи податоци за 108 општини, од вкупно 124 постоечки општини вклучувајќи го и градот Скопје.

„Во 2002 година МЦМС оперираше во услови на спроведување на Рамковниот договор, продолжен тренд на влошување на економската состојба во Македонија и интензивна владина кампања против НВО. Поддршката на Рамковниот договор, и покрај високата етничка недоверба, е се уште висока. За прв пат НВО и Владата се судрија со голема жестина на прашањето на корупцијата. По септемвриските избори, новата влада декларира желба за партнерство со НВО.”

Годишен извештај на МЦМС за 2002 година.

2002

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашата историја 2002 - Образование за младите Роми