Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

2007 – Македонија без дискриминација PDF Печати Е-пошта

2007-godina-na-zgolemeno-izdavastvoМЦМС продолжи со активностите за поддржувачка околина и за недискриминација во Македонија. Започна кампањата „Еден до друг - Различни, а еднакви“. МЦМС ги зајакна и активностите за поддршка на образованието. Заедно со други организации, МЦМС ги интензивираше активностите во Граѓанската платформа на Македонија.

Мало беше вниманието кон граѓанскиот сектор, но сепак ова е годината кога се усвои Стратегијата на Владата за соработка со граѓанското општество. Почетокот на нејзиното спроведување може да се забележи со поголемо учество на претставници на секторот во работните тела на Владата за подготовка на новите закони. Од друга страна, Владата не одобри подобрување на финансирањето на граѓанските организации. Намалувањето на поддршката од меѓународните организации и фондови продолжи и понатаму. За прв пат, МЦМС имаше значителна донација од приватниот сектор. Остварен е напредок во замената на изворите на финансирање – од традиционалните партнери, со средства од Европската унија и сопствените приходи. Беа издадени 17 публикации за подобрување на работата на граѓанските организации во Македонија.

Подобри хигиенски услови за 112 ученици

За учениците од „Браќа Миладиновци" од с. Добрушево, Могила, и за нивните родители новата учебна година започна со еден проблем помалку, реновирани се старите руинирани тоалети. Училишната зграда во с. Добрушево била изградена во 1966 година и од тогаш не било направено некое поголемо реновирање. Во училиштето учат 112 ученици. Состојбата со санитарниот јазол во училиштето беше многу лоша. Тоалетите беа лоцирани надвор од училишната зграда, на оддалеченост од околу 110 метри. Во нив немаше довод на вода и чешма со лавабо за миење на учениците. Исто така проблем претставуваше и тоа што кабината за машките ученици беше без прегради. „Кога имав потреба, одев до дома. Тоалетите беа за никаде. А особено ни беше тешко во зима, кога беше многу студено. Сега ќе ни биде многу поубаво", ни кажа малиот Никола. Во училиштето е изграден нов санитарен јазол кој е поврзан со селскиот систем за водоснабдување. Вградени се санитарии во машкиот и женскиот тоалет, 6 ВЦ шолји, 2 писоари и 7 мијалници. МЦМС го спроведе реновирањето со поддршка од Сокотаб Франа СА од Швајцарија.

Македонија без дискриминација

МЦМС ја започна кампањата која се одвиваше под слоганот „Еден до друг – различни, а еднакви". Граѓанските организации упатија барање за донесување на Национална стратегија и општо законодавство за антидискриминација во 2008 година и формирање независна комисија за човекови права до 2009 година. Во медиумската кампања беа емитувани телевизиски и радио спот како и објави во дневните и неделните весници. За потребите на кампањата беше изработен промотивен и едукативен материјал (флаери, постери, разгледници, календари итн.)

„МЦМС во 2007 година имаше вкупен обем од 56 проекти и буџет од 97 милиони денари. Во 2007 година продолжија активностите за реструктурирање на МЦМС, започнати во јули 2005 година, со кои организацијата треба да се прилагоди на новиот контекст."

Годишен извештај на МЦМС за 2007 година.

2007

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашата историја 2007 – Македонија без дискриминација