Информативни изданија за меѓурелигиска соработка (2007) - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Информативни изданија за меѓурелигиска соработка (2007) PDF Печати Е-пошта

Во своите информативни изданија верските заедници се фокусираат на теми од областа на нивната религија. Тие речиси воопшто не пишуваат за другите религии и не разменуваат информации за одредени теолошки прашања, а темите за меѓуверскиот дијалог се сведени на минимум. Недоволната комуникација и невоспоставените лични контакти помеѓу членовите на различни верски заедници, се чести причини за непознавањето на другите религии или пак за нецелосно или погрешно толкување на религијата на другиот, а со тоа и ширењето на предрасудите.

Во 2003 г. преку програмата МСМ беа развиени низа активности (билтен, календари, адресар и сл.) наменети за развој на дијалогот и комуникацијата помеѓу верските заедници. Преку нив се настојуваше да се поттикнат на спроведување на заеднички активности, но и поттикнување на учењето едни за други. Позитивните искуства од претходните години беа причина за продолжување на дел од активностите и во 2007 година (на пр. Билтенот, компаративните студии и сл.). За информативната дејност во 2003 година беше формиран Издавачки Совет (ИС) од претставници од верските заедници, кој функционира и денес. Неговата улога е советодавна и е поврзана со изданијата од програмата. На 03.12.2007 година ИС одржа седница во која беше дискутирано и за квалитетот на изданијата.

Општа цел е да се збогати меѓусебната соработка на верските заедници и да се подобри разбирањето за нив кај целокупната јавност во Македонија.

Цел на проектот е да се интензивира протокот на информации меѓу верските заедници и кај јавноста воопшто и да се прошират перспективите на учесниците во програмата за понатамошна активност, како почести контакти и комуникација со колегите, активистите и луѓето од различни религии (или други) заедници.

Целна група се студенти/професори на Богословскиот факултет и Факултетот за исламски науки, членови на верските заедници, како и општата јавност.

Со проектот беа издадени три броја од Билтенот за меѓурелигиска соработка во тираж од 500 примероци на македонски јазик и 300 примероци на албански јазик. Издавачкиот совет беше одговорен за дефинирањето на уредувачката политика, а студентите од ПБФ и претставниците на верските заедници придонесоа со текстови за билтенот.

Од делот кој се однесува на истражувачката дејност, оваа година беа поддржани две истражувања. Првото се однесува на Анализа на меѓурелигиската соработка во Македонија а второто е истражување на темата Модерна Македонија и верските права.

Од издавачката дејност од овој проект оваа година беше издадено и мултимедијално ЦД со постигнувањата на програмата МСМ.

ЦД-то содржи информации, фотографии за сите настани кои се спроведени за време на четиригодишното постоење на програмата Меѓурелигиска соработка, а исто така тоа е двојазично (податоците се на македонски и на англиски јазик). Во рамките на проектот беше изработено и едно пано со постигнувањата на програмата МСМ кое беше употребено за претставување на постигнувањата од програмата за време на 6-от НВО Саем пред пошироката јавност.

Студентите од ПБФ и членовите на верските заедници земаа активно учество во креирањето на Билтенот. На ПБФ е формиран тим од 5 студенти кој редовно ги следи и покрива настаните од програмата. Исто така интересот кај членовите на верските заедници да пишуваат за Билтенот е зголемен. Накратко може да се рече дека преку билтенот се овозможи активен проток на информации помеѓу верските заедници, но на овој начин и нивната соработка беше презентирана на пошироката јавност. Анализите од двете истражувања можат да послужат како идни насоки кон кои меѓуверскиот дијалог треба да продолжи. Продуцираното ЦД со постигнувањата беше само потврда за успешното спроведување на програмата, претставувајќи ја волјата за соработка која верските заедници ја покажаа учествувајќи и подржувајќи настани од ваков вид.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашите цели Прифатена културна разноличност