Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Барометар за еднакви можности PDF Печати Е-пошта

Автори: Виолета Петроска Бешка и Мирјана Најчевска
Дата: 2009 година
ISBN: 978-9989-102-90-5
PDF:
barometar-za-ednakvi-moznosti-mcms-2009.pdf


Барометар за еднакви можностиЗа да го олесни промовирањето и практична примена на законската регулатива против дискриминацијата, Европската Унија ја прогласила 2007 година за „Европска година на еднакви можности за сите“. Целта на Европската година била да се запознаат граѓаните на земјите членки на Унијата со нивните права, да се промовира почитување на разликите и да се промовира еднаквост на можностите за сите во Европската Унија.

Пред да започнe Европската година на еднакви можности за сите, во летото 2006 година, Европската комисија спровела истражување со кое ги утврдила перцепциите, ставовите, познавањата и свесноста за дискриминацијата и нееднаквоста во Европската Унија. Истражувањето е повторено во зимата 2008 (по завршувањето на Европската година), кога се констатирани промените што настанале како резултат на активностите преземени во текот на претходната промотивна година. Резултатите од ова истражување се објавени во Специјалниот Евробарометар 296, под наслов „Дискриминацијата во Европската Унија: Перцепции, искуства и ставови“.

Истражување базирано на истиот инструмент (со мали додатоци) со истата методологија2 е спроведено во Република Македонија во текот на април 2009 година. Анкетата е направена од страна на Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во соработка со Брима од Скопје на примерок од 1.606 испитаници. Автор на извештајот е проф. д-р Виолета Петровска Бешка. Анексот во кој се анализирани податоците низ призмата на досегашните искуства е подготвен од проф. д-р Мирјана Најчевска. Извештајот е дел од проектот „Македонија без дискриминација“ што се реализира во рамките на Прогрес-програмата на Европската комисија во Република Македонија и е спроведуван од Полио плус, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Центарот за човекови права и разрешување конфликти (ЦЧПРК) и Министерството за труд и социјална политика. МЦМС е одговорна организација за спроведување на оваа проектна активност.

Предмет на истражувањето се истите шест основи на дискриминација кои се истражувани и во европскиот контекст, а кои се дефинирани со двете антидискриминаторски директиви на Европската Унија: дискриминација врз основа на пол, на етничка припадност, на религија или уверување, на возраст, на инвалидност (односно попреченост во развојот) и на сексуална ориентација. Заради актуелниот контекст, во истражувањето во Република Македонија е додадена и дискриминацијата врз основа на партиска припадност, чие присуство на ниво на земјата не може да се споредува со нејзиното присуство во земјите на Европската Унија.

Извештајот за Република Македонија ја следи главно истата структура како и европскиот извештај:

  1. Го поставува контекстот илустрирајќи го диверзитетот на социјалниот круг на испитаниците и нивното себедоживување како припадници на малцинска (дискриминирана) група;
  2. Ги презентира перцепциите за различните форми на дискриминација утврдени преку перципираната застапеност на секоја форма одделно и како дел од повеќекратна дискриминација, како и преку ставовите кон различните групи подложни на дискриминација;
  3. Ги прикажува мерките на присутната дискриминација по секоја основа посебно, операционализирани како лични дискриминаторски доживувања на испитаниците и/ или како сведочења за туѓи дискриминаторски доживувања;
  4. Ги изложува процените на напорите на земјата да се бори против дискриминацијата;
  5. Го прикажува степенот на познавање на правата од страна на потенцијалните жртви на дискриминација, проценет од страна на испитаниците;
  6. Ги изнесува мислењата за еднаквоста на можностите при вработувањето;
  7. Ги резимира наодите за дискриминација по секоја основа посебно.

При презентирањето и анализирањето на наодите за секој од истражуваните облици на дискриминација, правени се споредби меѓу различни подгрупи испитаници, дефинирани според следните социо-демографски карактеристики: пол; возраст; ниво на образование – основно (со завршено и незавршено основно), со средно и со повисоко (вишо и високо);
место на живеење – урбана и рурална средина; етничка припадност – Македонци и Албанци (како единствени етнички групи застапени во примерокот во доволен број кој овозможува смислени споредби); и религиска припадност – православни и муслимани (како единствени религиски групи застапени во примерокот во доволен број кој овозможува смислени споредби).

Секаде каде што е можно, во извештајот се споредуваат резултатите од „европското“ истражување со резултатите од „македонското“.

Се очекува резултатите презентирани во извештајот да послужат како илустрација на иницијалната состојба во Република Македонија, пред донесувањето на Законот против дискриминација. Овие резултати може да послужат за следење на ефектите од законот и креирање политики за подобрување на состојбата со дискриминацијата по сите основи.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Листа на истражувања и публикации