Добро управување во Македонија - извршно резиме - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Добро управување во Македонија - извршно резиме PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 13 октомври 2008 15:02

dumЕден од најголемите предизвици на македонското општество е примената на практиките на доброто управување засновани на владеењето на правото и демократијата, учеството, ефикасноста и ефективноста, транспарентноста и одговорноста и еднаквоста. Ова прашање сè уште не е сериозно адресирано од страна на актерите на граѓанското општество и очигледен е недостатокот на капацитети за истото.

Општа цел на програмата е придонес кон доброто владеење, партиципација и политики насочени од и кон луѓето.

Цел на програмата е зголемена одговорност на институциите, граѓанските организации и граѓаните.

Целна група на програмата се граѓаните на Република Македонија со фокус на маргинализираните општествени групи. Директни корисници се државните службеници, членовите на Собранието на Република Македонија, членките на Граѓанската платформа на Македонија (ГПМ) и другите граѓански организации. Целно подрачје е Република Македонија. Програмата ќе се реализира во Скопје, додека дел од активностите ќе се спроведуваат низ целата земја.

Очекувани резултати на програмата се:

  • Транспарентен и партиципативен процес на подготовка на државниот буџет, кој ќе ги одразува општествените приоритети;
  • Зголемено влијание на граѓанските организации во креирањето на политиките;
  • Зголемени свест и капацитети на граѓаните за одговорност и партиципација.

За спроведување на програмата ќе се користат неколку комплементарни алатки. Примарно ќе се применува застапувањето и лобирањето, кои ќе вклучуваат истражувања, информации, градење свест, создавање и влијаење на јавните политики и набљудување.

Исто така ќе се развиваат и капацитетите за да се создадат одржливи структури и механизми кои ќе практикуваат и бараат одговорност.

Активности преку кои ќе се спроведе програмата се:

  • Лобирање за транспарентен и партиципативен процес на подготовка на националниот буџет, кој ќе ги одрази општествените приоритети и набљудување на неговото користење
  • Зголемување на учеството на ГО во креирањето политики
  • Зголемување на свеста и капацитетите на граѓаните за одговорност и партиципација

Програмата ќе даде повеќе продукти како на пример: подобрена рамка за граѓанско учество во процесот на буџетирање и јавните политики, обуки за финансиски анализи и за добро управување и креирање политики, истражувачки извештаи за јавните набавки, за практиките на добро управување во ГО и одговорноста на граѓаните за општествените прашања.

Периодот на спроведување е 1 јули 2008 г. – 31 декември 2010 г.

Програмата вклучува повеќе актери. Се претпоставува дека Владата, релевантните министерства и пратениците ќе бидат подготвени активно да се вклучат и да соработуваат. Важни актери за програмата се членките на ГПМ и нивната посветеност е многу значајна во постигнувањето на целите за застапување и лобирање.

Ќе се воспостават и градат односи со Владата и тоа со Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, со Генералниот секретаријат и Одделението за соработка со НВО и со Министерството за правда и со повеќе различни граѓански организации.

Комуникацијата ќе се одвива усно и писмено, преку учество во настани, соопштенија, реакции. Информации ќе се објавуваат на повеќе сајтови, но и во медиумите. Односите со јавноста предвидуваат обезбедување видливост на МЦМС, прес-конференции, соопштенија за јавност, промоции, објавување на публикациите на сајтови, платени огласи, трибини и тркалезни маси.

МЦМС има целосна одговорност за спроведување на програмата. Во рамките на извршната канцеларија на МЦМС програмата ќе ја спроведува Одделението за граѓанско општество. Неопходната дополнителна експертиза за спроведување на обуките, истражувањата и лобирањето ќе биде обезбедена со ангажирање на надворешни експерти, обучувачи и консултанти. Во програмата ќе се применуваат стандардните системи и процедури на МЦМС, како за планирањето на проектите, спроведувањето на активностите и за финансиското работење, така и за наративното и финансиско известување.

МЦМС ќе подготвува квартални, полугодишни и годишни извештаи за напредокот на спроведувањето на програмата, заедно со финансиски извештаи. Исто така, МЦМС ќе обезбеди и систем за набљудување кој ќе овозможи редовна контрола и спроведување на планираните активности. На крајот од програмата ќе биде направена наворешна оценка.

Програмата е категоризирана како многу сложена.

Со оглед на тоа дека програмата адресира прашања кои претставуваат општествени приоритети кои досега не биле актуелизирани постојат повеќе ризици: владата и нејзините институции да немаат волја да соработуваат; немањето соодветен капацитет за набљудување на креирањето и спроведувањето на националниот буџет; ГО да не се свесни за нивните организациски и институционални слабости; ГО да немаат волја за подобрување на системите за внатрешна демократија, отчетност и транспарентност.

Голем дел од потребните финансиски ресурси се обезбедени од ЕЕД. Средства се обезбедени и од ОБСЕ. Остатокот од потребните средства ќе биде обезбеден од други донатори. Поднесена е апликација до Британска амбасада, а ќе бидат поднесени апликации и до Балканскиот фонд за демократија (БТД) и други донатори.

Буџетот изнесува 19.294.891 МКД.

Тековен извештај од програмата.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Програми