Укажувачите, медиумите и партиите и политиката дел од новите студии на случаи со ризици од корупција - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Укажувачите, медиумите и партиите и политиката дел од новите студии на случаи со ризици од корупција PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 14 март 2016 17:08

На 14 март 2016 година, МЦМС и Транспарентност Македонија (ТМ) промовираа три нови „Студии на случаи со ризици од корупција“. Ана Јаневска-Делева и Цветанка Михајловска, авторките на студијата „Тесните врски помеѓу парите и политиката“, се осврнаа на два случаи на финансирање на политичките партии кои произлегуваат од Ревизорските извештаи на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за 2013 и за 2014 година како и на анализата на договорите за лобирање на истата партија со фирми од САД. Тие истакнаа дека измените на Законот за финансирање на политичките партии не обезбедиле поголема јавност во финансирањето. Според нив, клучна е независноста и непристрасноста на надлежните институции и додадоа дека Државниот завод за ревизија  во извештаите исклучиво се занимава со системски слабости, а не со конкрети наоди кои се однесуваат на работењето и внатрешните практики на партиите.

Ukazhuvachite, mediumite i partiite i politikata

Потенцијалните укажувачи се обесхрабрени да пријават корупција“, истакна Петар Тодоровски, авторот на студијата „Состојбата со укажувачите во Република Македонија“ и додаде дека недостатокот на заштита им остава простор на нивните работодавачи или соработници да ја злоупотребат својата позиција на моќ и да се спротивстават на пријавувањето. „На таков начин не се создава амбиент кој е поволен за борба против корупцијата“, рече Тодоровски, „напротив, тоа ги обесхрабрува потенцијалните укажувачи да пријавуваат“. Тодоровски презентираше три случаи на укажувачи: Симо Груевски и АД Македонски телеком; Фросина Ташевска-Ременски и Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Миодраг Ѓорѓески и Медицинска пластика.

Ukazhuvachite, mediumite i partiite i politikata 2

Борјан Ѓузелов ја презентираше студијата „Известувањето за корупција на високо ниво: помеѓу јавниот интерес и заробените медиуми“, ко-авторство со Ангел Арнаудов. Студијата анализира  дали, колку и како печатените медиуми ја информираа јавноста за прес-конференциите на опозицијата во коишто беа презентирани сериозни индиции за корупција. „Има значајни разлики во застапеноста на објавите, а постои и селективност во известувањето за поединечни случаи“, велат авторите. Тие оценуваат дека читателите на Дневник не можеле да добијат целосно јасна информација за содржината на прес-конференциите, како и читателите на Вечер кои следеле тенденциозни содржини и невистини. Читателите на Утрински весник добивале коректна и избалансирана слика, а и оние на Нова Македонија имале можност квалитетно да се информираат за содржината на прес-конференциите. Слободен печат е единствениот од анализираните печатени медиуми кој објавувал и транскрипти од објавените телефонски разговори.

Ова се три нови студии на случаи со ризици од корупција. Претходно, во септември 2015 година и во февруари 2016 година беа објавени вкупно седум такви студии. Целта на овие студии е подобрување на политиките за антикорупција, преку анализи на состојбите и укажување на конкретни случаи. Интегралните текстови на студиите се достапни на: http://www.mcms.org.mk/ и на http://www.transparentnost-mk.org.mk/

Презентираните студии на случаи се дел од „Програмата на УСАИД за антикорупција”, финансирана од УСАИД. Програмата ја спроведува МЦМС, во партнерство со Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје, ТМ и Асоцијација за демократски иницијативи (АДИ). Целта на проектот е зголемена информираност и знаење на граѓанските организации и граѓаните за барање отчетност од институциите како и придонес кон нивен повисок интегритет.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Укажувачите, медиумите и партиите и политиката дел од новите студии на случаи со ризици од корупција