Да се развие претприемачкиот дух на ГО бидејќи финансии има, а и расположение за донирање - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Да се развие претприемачкиот дух на ГО бидејќи финансии има, а и расположение за донирање PDF Печати Е-пошта
Петок, 15 јули 2022 14:13

„Мора да се менуваме, не треба да се плашиме да бидеме бизнис ориентирани, тоа нема да не направи помалку ориентирани кон нашите мисии и цели. Напротив, ќе ни даде можност многу повеќе да работиме за нив “, ова беше завршната констатација од Тематскиот форум на Цивика мобилитас насловен: „Можеме ли повеќе од грантови?!“ – Финансирање на граѓанските организации преку: донации, краудфандинг (crowdfunding) и социјални претпријатија. Да се вмрежуваме многу повеќе од тоа што сега го правиме и да зборуваме за она што го правиме. Тоа е првиот чекор на градење довербата помеѓу граѓанските организации од една страна и граѓаните или компаниите од друга страна. Присутните зборуваа и за транспарентноста како важен сегмент за градење на меѓусебната доверба и развивање на свестта за дарување.

3 1 1 1024x936

Говорниците на Форумот се согласија дека има потреба како граѓански сектор да работиме на промена на законската регулатива реферирајќи на Законот за донации и спонзорства за да се олесни процесот на донирање. „Поразително е да кажам дека имаме повеќе од 100 одбиени донации над 12.000 денари преку платформата E-crowd токму поради системот, банките, легислативата“, рече Љупчо Петковски, заменик претседател на Ино Хаб – Скопје и еден од говорниците на Форумот. Тој истакна дека Македонците сакаат да донираат и донираат што се потврдува со различните акции, но мора да се работи на либерализација на легислативата. На ова се надоврза и Виктор Мирчевски, програмски раководител на КОНЕКТ кој потенцираше дека повеќе од 100 организации се дел од Мрежата за финансиска одржливост на граѓанските организации кои застапуваат промена на Законот за донации и спонзорства, а веќе е формирана и работна група која работи на оваа промена. Целта е да се олесни даночната обврска за тие што даваат, вели Мирчевски. „Ние во Конект велиме дека донирањето е љубов и исто како и во романтичната врска и во оваа на ГО со граѓаните и компаниите треба да има процес на запознавање и стекнување меѓусебна доверба“, рече тој.

viber image 2022 07 15 09 39 59 162 988x1024

Сузана Трајковска Кочанковска, социјален и бизнис советник на проектот Поддршка на социјални претпријатија ги истакна позитивните примери потенцирајќи дека ГО треба да развиваат економски активности. „Проектите имаат ограничени ресурси, а вашата мисија е поширока од проектните цели. Социјалното претприемништво не е само проект, тоа е решавање на човечки судбини“, рече Трајковска Кочанковска. Таа смета дека реалниот потенцијал е кај граѓанските организации кои треба да работат на нови услуги во чекор со времето кои ќе им обезбедат економски стабилна организација. Како важен сегмент го истакна вмрежувањето, не само помеѓу ГО туку и со бизнис заедницата и самите граѓани.

viber image 2022 07 14 14 17 35 872 1024x767

За време на Форумот присутните ги раскажаа своите позитивни искуства со алтернативни начини на финансирање. Се зборуваше за Донаторскиот кружок на КОНЕКТ, Е-crowd на Ино Хаб, но и акциите кои од иницијатива на еден човек, како „Донирај компјутер“, денес се препознаени не само во нашата земја, туку и во Европа. Од Љубезност ја посочија иницијативата „Ретвитни оброк“, со која се мобилизираат волонтери кои ја подготвуваат хранат за ранливите групи. „Денес имаме листа на компании кои чекаат на ред да се вклучат со своите волонтерски активности“, рече Тони Станковски и додаде дека во следниот месец и пол знаат кој ќе волонтира за подготовка на храна. Рурална коалиција зборуваа за „Наша тезга“, важна активност за жените од руралните средини, но и за трансформацијата кон социјално претпријатие, додека приказните на Здравец 2002 уште еднаш потврдија дека луѓето и бизнисите се подготвени да се здружат за да им помогнат на своите сограѓани. За сите споделени искуства заедничко беше вмрежувањето, добрата промоција и комуникациските стратегии.

1 1024x752

„На времето учевме да пишуваме проекти, сега треба да научиме како да ја продадеме нашата идеја на компаниите и граѓаните“ рече Мирчевски. Присутните во дебатата се согласија дека можеме и мораме повеќе од грантови. Потребно е да се смени размислувањето и функционирањето на луѓето во граѓанските организации, но добрата страна е што промената е започната. Истовремено се развива и свеста кај граѓаните и бизнисите за донации, што претставува само надополнување на процесот.

Форумот во целост може да го погледнете на следниот ЛИНК.

Тематскиот форум на Цивика мобилитас обезбедува простор за дискусија помеѓу претставниците на граѓанските организации, институциите на национално или локално ниво и сите други чинители важни за решавање на прашањата кои се третираат.

Цивика мобилитас e програма за поддршка на граѓанското општество на Швајцарската амбасада, а ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и ФЦГ од Шведска.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Да се развие претприемачкиот дух на ГО бидејќи финансии има, а и расположение за донирање