Како се спроведува Законот за здруженија во Србија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Како се спроведува Законот за здруженија во Србија PDF Печати Е-пошта
Среда, 30 јуни 2010 08:43

МЦМС со здружението Граѓански иницијативи од Белград, од 27 до 30 јуни во Белград, Србија  организираше студиска посета на тема: „Запознавање со правната рамка на граѓанските организации во Србија“.

Како се спроведува Законот за здруженија во Србија

На студиската посета учествуваа девет претставници на Министерството за правда, Одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за труд и социјална политикаЦентралниот регистар на Република Македонија и претставници на МЦМС.

Целта на посетата беше учесниците да добијат целосна слика за развојот и спроведувањето на Законот за здруженија во Република Србија и научените лекции од искуствата со спроведувањето на овој Закон. Сето ова треба да придонесе кон побрзото и соодветно спроведување на новодонесениот Закон за здруженија и фондации во Република Македонија.

Како се спроведува Законот за здруженија во Србија

Учесниците имаа можност да ги посетат: Министерството за државна управа и локална самоуправа и Агенцијата за трговски регистри кои имаат одредени одговорности при спроведувањето на Законот за здруженија. Ги посетија и Агенцијата за соработка со невладините организации која функционира во рамките на Собранието на град Белград, Канцеларијата за европски интеграции, Тимот за социјална инклузија и намалување на сиромаштијата и Министерството за труд (одделението за заштита на правата на децата) како и Прифатилиштето за деца од улица, институции кои имаат позитивни практики во соработката и вклучувањето на граѓанските организации. Исто така учесниците имаа можност да се сретнат со претставници на неколку водечки граѓански организации кои што имаат активна улога во процесите да креирање политики и донесување закони во Србија: Граѓански иницијативи, Балканскиот фонд за локални иницијативи, Комитетот на правници за човекови права, Европското движење во Србија и Група 484.

Во Министерството за државна управа и локална самоуправа, беше презентирана работата на министерство и неговата соработката со граѓанските организации во полето на подготовката на законот ( учество во работни групи, дебати, панел дискусии). 

Агенцијата за соработка со невладините организации формирана од страна на Собранието на град Белград беше позитивен пример за сознавање на искуствата за соработка на локално ниво. Меѓу другото Агенцијата дава годишна финансиска поддршка за граѓанските организации во различни области и има свои развојни проекти за граѓанскиот сектор. Агенцијата е исто така иницијатор и организатор на Саемот на граѓански организации кои делуваат на територијата на Белград кој има традиција од неколку години. Оваа година за прв пат е одржан на отворен простор (во центарот на градот).

Многу корисна за учесниците беше и средбата во Агенцијата за трговски регистри која е надлежна за регистрација на здруженијата, вклучително и за пререгистрација. Претставниците од Агенцијата информираа како тече постапката со пререгистрацијата на организациите, кои се предизвиците со кои се соочуваат, а исто така дадоа и неколку практични совети за претставниците од Централниот регистар на Република Македонија.

Претставниците на граѓанските организации од Србија ги запознаа учесниците со правната рамка во која делуваат особено со клучните новини во Законот за здруженија, а исто така ги презентираа нивните искуства за вклучување во креирањето политики кои се различни со различни институции и кои најчесто зависат од отвореноста на раководството на тие институции. Исто така, беше интересно искуството дека во Србија граѓанските организации неколку пати за неколку клучни закони издејствувале повлекување од собраниска процедура се до моментот додека не се постигне заедничко прифатливо решение. Во однос на финансиската поддршка беше кажано дека од страна на државните институции (со исклучок на Министерството за Млади и спорт) не постојат јасни критериуми за финансирање на граѓанските организации и иако буџетската ставка 481 – трансфери до невладините организации е голема, сепак тие средства не се наменети само за здруженијата, туку и за политичките партии, синдикатите, верските заедници и сл.

Учесниците во целост беа задоволни од студиската посета, бидејќи преку пренесеното искуство ги согледаа слабостите и предностите со кои што се соочуваат односно ги имаат или ги практикуваат. Поради сличноста на законите за здруженија во Македонија и Србија важно за нив е да се продолжи со следење на спроведувањето на двата закони и да се разменуваат и во иднина искуствата. Од особена важност се исто така воспоставените контакти за понатамошна соработка во процесите кои се отворени пред двете земји особено тие кои што се поврзани со развојот на граѓанскиот сектори.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Како се спроведува Законот за здруженија во Србија