Соработка со општините за подобрување на вработувањето на жените Печати
Петок, 25 јануари 2013 15:35

Првите информативни средби на МЦМС со општините во кои се спроведува програмата „Оспособување на жените погодени во конфликтот (ОЖП)“ се одржаа на 23 и 24 јануари 2013 г. МЦМС ги информираше градоначалниците Фатмир Изаири на општина Желино, Исен Асани на општина Теарце и Тони Коцевски, општина Јегуновце и нивните соработници за целта и активностите на програмата, како и потребата и можностите од соработка со општинските власти. Градоначалниците ги препознаа придобивките од програмата за жените од нивните општини и изразија подготвеност да го поддржат спроведувањето на активностите.

IMG 7996

Општините ќе соработуваат со МЦМС во процесот на идентификација и мотивација на домаќинствата, особено нивните женски членови за активна и постојана вклученост во програмата. За време на состаноците беше дискутиран и пристапот за избор и идентификација на целната група, како и понудата и побарувачката на работна сила во нивните општини. Беа разговарани и типот и темите на курсевите и обуките кои ќе се организираат за жените од селата погодени од конфликтот, како и можностите за нивно вработување во деловните субјекти од нивните општини. Договорени беа и првите информативни средби за запознавање на жителите со целите и активностите на програмата, кои ќе се одржат во првата половина на февруари.

IMG 7998

Состаноци со општинските власти ќе се одржат и во другите четири општини, кои се фокус на програмата: Липково, Чаир, Сарај и Маврово и Ростуша. Целта на состаноците е подобро меѓусебно информирање за реализацијата на програмата и планирање на последователните активности.

ОЖП е финансирана од Европската Унија во рамките на 4-та компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), а се спроведува во партнерство со Флоренс Најтингел од Куманово, Инцијатива за европска перспектива од Скопје и Рекански бисер од Маврово и Ростуша. Целта на програмата е поддршка на пристапот на жените погодени од конфликтот до пазарот на трудот.


Поврзани: