Искористување на потенцијалот на Европската година на граѓаните 2013 - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Искористување на потенцијалот на Европската година на граѓаните 2013 PDF Печати Е-пошта
Вторник, 29 јануари 2013 13:30

На 22 и 23 јануари 2013 г., Симона Огненовска, како претставник на МЦМС учествуваше на првата тематска конференцијата насловена како „Искористување на потенцијалот на Европската година на граѓаните 2013“, во Брисел, Белгија. Настанот е дел од Европската година на граѓаните 2013 организиран од страна на Европската комисија преку Директоратот за комуникации во соработка со Алијансата за европската година на граѓаните. На конференцијата присуствуваа приближно 200 претставници на граѓанското општество, националните власти и институциите на ЕУ.

Brussles

Конференцијата ја отворија и на неа говореа претставници од Европската комисија, ЕЕСК, Комитетот за граѓански слободи, правда и домашни работи од Европскиот парламент, како и претседателот на Европската година на граѓаните 2013. Присутните констатираа дека граѓаните на Европската унија не се свесни за своите права и за можностите па оваа иницијатива ќе ги потсети и ќе ја нагласи потребата од активно граѓанство. Беше потенцирана и потребата од дебата за граѓанството и идентитетот во рамки на ЕУ.

Релевантни говорници дискутираа на четири панел сесии на различни теми: Кои се главните пречки граѓаните на ЕУ да ги уживаат своите права и идеи за конкретни ЕУ акции; Како граѓанското општество подобро да промовира граѓанско учество на ЕУ ниво; Како да се обезбеди потенцирање на важноста од граѓанско учество и по 2013 година; Кои алатки постојат за фасилитирање на граѓанскиот ангажман во креирање на ЕУ политики.

Формирани беа работни групи со претставници на организациите членови на Алијансата за европската година на граѓаните. Тие ќе ги разработат клучните теми што треба да води кон активно Европско граѓанство. Целта е да се мобилизира и координира граѓанското општество во текот на 2013 г., и да се иницира широка европска дебата за прашањата поврзани со практикувањето на европските граѓански права и граѓанското учество во демократскиот живот на ЕУ. Работните групи ќе се состанат четири пати во текот на годината, континуирано ќе комуницираат и подготват документ со препораки до крајот на Европската година на граѓаните 2013.

МЦМС смета дека присуството на конференцијата и учеството во работните групи придонесува кон зајакнување на гласот и учество на граѓанското општество и граѓаните во креирањето политики и подготовка на закони на ниво на ЕУ и поттикнување на активно и партиципативно граѓанство паралелно со напорите кои се прават на национално ниво.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Искористување на потенцијалот на Европската година на граѓаните 2013