Управен одбор на МЦМС 2009-2013
Ризван Сулејмани - претседавач (5.1.1957 г. Скопје). Дипломирал на Електротехничкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје. Магистрирал на европски студии на Филозофскиот факултет во Скопје, докторирал на политички студии во Скопје. Оженет и живее со сопругата Нуремане и синовите Артан и Фатон во Скопје. Бил на повеќе раководни места и функции, меѓу кои два пати пратеник во Собранието на Република Македонија, заменик-министер за одбрана и министер за локална самоуправа во Владата на Република Македонија. Како пратеник, бил член на парламентарната група од Македонија во Парламентот на НАТО. Бил во повеќе управни одбори и раководни функции. Во невладиниот сектор основач и актуелен потпретседател е на Северноатлантскиот совет на НАТО во Македонија и основач и член на Претседателството на Европското движење во Македонија. Во моментот е директор на Институтот за политички и меѓукултурни студии во Скопје.
Кочо Анѓушев - заменик претседавач (20.6.1969 г., Скопје). Има дипломирано на Машинскиот факултет во Скопје, подоцна на истиот факултет, во 1995 г. станува магистер по машински науки, а во 1998 г. и доктор по технички науки. Има професионален стаж од 16 години на Машинскиот факултет во Скопје, каде што работи како професор, 6 години како директор на ЕФТ Македонија и 5 години како претседател на Управниот одбор на Брако. Покрај ова, членува во повеќе меѓународни професионални тела и има објавено повеќе од 100 научни труда и повеќе од 50 проекти во индустријата.
Билјана Герасимoвска – Китановска (26.02.1969 г., Скопје). Факултетска наобразба стекнала во Скопје на Медицински факултет каде подоцна и специјализирала интерна медицина. Мажена. Вработена е во Клиничкиот центар во Скопје на Клиниката за нефрологија. Од 1995 година е основач и претседател, а сега активен член на граѓанската организација ЕСЕ, Скопје со значителни постигнувања во развој на родовиот пристап во МАкедонија. Член на Управниот одбор на МЦМС е од 2004 година. Во текот на својот мандат континуирано придонесуваше во анализата на различни прашања, посебно од подрачјето на човекови и родови права, еднакви можности и анти – дискриминација
Бехиџудин Шехапи (27.2.1961 г., Тетово). Завршил Филозофски факултет во Скопје, група Историја на уметноста и археологија. Оженет и има четири деца. Има повеќе од 20 години искуство работа на раководни места во научно-образовните, цивилните институции и организации како и во Исламската верска заедница (ИВЗ). Две години го предавал предметот: Исламска култура и цивилизација, во средното теолошко училиште „Иса Бегова Медреса” во Скопје, 15 години бил раководител во службата за верски објекти и исламска култура во Исламската заедница на РМ, 4 години уредник на весникот „Млада месечина”, 12 години генерален секретар на Ел хилал, 5 години е Претседател на Ел хилал каде му тече и вториот мандат, 4 години член на Управниот одбор на МЦМС, две години директор во Националниот конзерваторски центар (НКЦ) каде му тече вториот мандат по повторен избор. Тој поседува богато искуство во управување во граѓанскиот сектор, знаење во менаџирање со кризите и управување во конфликтните ситуации, знаење во воспоставување на комуникација со луѓето и со медиумите. Поседува способност за воспоставување на интеркултурен и интерконфесионален дијалог и дал придонес во зајакнување на меѓуетничката доверба. Ги познава сите цивилизациски дострели во Македонија и автор е на неколку публикации во оваа област.
Горан Михајловски (24.11.1963, Битола). Завршен факултет Интердисциплинарни студии по новинарство на УКИМК во 1988 година. Професионален новинар од септември 1989 година. Од 1989 до 2000 година новинар во „Вечер”. Од 12.1998 до 05.2000 е главен и одговорен уредник на „Вечер”, основач на весникот „Вест” и главен и одговорен уредник од 5 јули 2000. Автор на колумната „Сакам да кажам” („Вечер” и „Вест”) од јануари 1991 година. Три книги „Сакам да кажам” -збирка колумни (1997, 2002, 2007). Книга од областа на новинарството и туризмот „Приказни со пет ѕвездички” (2004). Два пати добитник на наградата „Мито Хаџивасилев Јасмин” за „Сакам да кажам”. Добитник на наградата „Крсте Мисирков” за остварувања во новинарството. Од 2007 надворешен предавач на Правниот факултет при УКИМ на студиите по новинарство по предметот „Уредување во медиуми”.
Ѓоко Ѓорѓевски (24.7.1968 г., Скопје). По завршувањето на Богословијата, во 1991 година дипломира на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски” во Скопје. За време на студиите три години е претседател на студентското здружение при факултетот, како и главен уредник на студентскиот билтен. По три години поминати како професор во Богословијата, заминува на неколкумесечен студиски престој во Источниот институт во Регенсбург -Германија, по којшто следеа магистерските студии на Теолошкиот факултет -оддел Библиска теологија при Папскиот Универзитет „Грегоријана” во Рим, Италија (1994-1996), каде што и докторира во 2000 година. Од 2001 година е доцент по предметите од областа на Светото писмо на Стариот завет. Од 2001 година активно е вклучен во активностите од областа на меѓурелигискиот дијалог преку учество на конференции и средби во земјата и во странство, како и од областа на социјалната теологија. Од 2002 до 2006 година е главен уредник на списанието Православен пат.
Јагуп Селимоски (3.10.1946, Скопје). Основно образование завршил во Кичево, средно исламско училиште во Сараево, а факултет на Ал. Азхар во Каиро, Египет. Работел како секретар на ИВЗ-РМ, а во периодот 1980-1991 е и нејзин претседател и поглавар на ИВЗ на поранешна СФРЈ до 1993 г. Моментално е директор на секторот за верско образование во ИВЗ-РМ Скопје, член е во сите највисоки органи на ИВЗ, како и на Меѓурелигискиот совет на Република Македонија.
Славко Велевски (22.6.1961 г., Могила). Дипломирал на Природно-математичкиот факултет на Институтот за биологија во Скопје. Оженет е со Гордана и е татко на 2 деца, Христијан и Петар. 12 години е градоначалник на општина Могила. Претходно во периодот 1991-1993 година работи како наставник по биологија во ОУ „Славко Лумбарковски” во Новаци. Во 1982 г. е еден од основачите и активен играч на КК „Стрела” – Могила, кој се натпреваруваше во регионалната лига на Македонија. Член е на Комисијата за образование на ЗЕЛС, а член и на Здружението на финансиски работници на локалната самоуправа и јавните претпријатија. Добро ја познава проблематиката на локалната самоуправа, јавните услуги, регионалниот и руралниот развој.



Twitter
Digg
Del.icio.us
Reddit
StumbleUpon
Yahoo
Googlize this
Facebook
Wikio




