18 години МЦМС во 18 дена - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

18 години МЦМС во 18 дена PDF Печати Е-пошта
Сабота, 26 ноември 2011 17:17

18godmcmsМакедонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) оваа година го слави својот 18-ти роденден [14.12.1993]. Полнолетството е специфичен период од животот на секој човек. Се стекнуваме со некои нови права, но, добиваме и нови обврски. Полни со ентузијазам му одиме на животот во пресрет, ги прифаќаме предизвиците со самодоверба и се соочуваме со животот од поинаква перспектива. Некогаш поуспешно, некогаш со повеќе напор се калиме и ги стекнуваме искуствата што ќе ни обезбедат мудрост за носење на некои одлуки во животот.

И во животниот век на организациите не е поразлично. Посебно во оние кои ви прираснале за срце па ги доживувате како живи битија. Ги гледате како се соочуваат со детските болести, како ги победуваат, го доживувате ентузијазмот со кој се втурнуваат во решавањето на важните проблеми, се гордеете со победите, ви годи кога ќе слушнете пофални зборови, ги примате и критиките затоа што знаете дека ќе помогнат во подобрувањето, ги прифаќате и промените иако некогаш знаат да заболат ... да, животниот век на организациите е ист како нашиот.

Полнолетството не е вообичаен јубилеј, не е 10-годишнина, или 20-годишнина, но има едно друго, симболично значење во животот. Затоа, сакаме да го споделиме задоволството од нашето полнолетство. Сакаме уште еднаш да се потсетиме на важните работи заради кои го доживеавме 18-тиот роденден и заради кои ќе продолжиме да работиме и придонесуваме во решавањето на новите важни работи кои ни престојат.

Од денес ја започнуваме 18-дневната кампања во која ќе потсетиме на постигнувањата на МЦМС. Секој ден, низ една карактеристична приказна произлезена од проектите, ќе имате можност да патувате низ времепловот на МЦМС. За крај ги оставивме презентациите на постигнувањата низ статистиката на МЦМС.

На 14 декември ќе прославиме роденденот и ќе си посакаме уште многу предизвици кои ќе не водат во зрелите години на постоењето на организацијата, уште многу вредни и посветени луѓе кои ќе работат на остварување на нашите цели и уште многу соработници со кои ќе го оствариме новите постигнувања.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести 18 години МЦМС во 18 дена