Секој еден против дискриминација - втора Летна школа за млади - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Секој еден против дискриминација - втора Летна школа за млади PDF Печати Е-пошта
Вторник, 20 септември 2022 12:43

Човековите права, недискриминацијата, еднаквоста и толеранцијата, беа носечките теми на школата која се одржа од 1 до 4 септември 2022 година во Струга. Вкупно 21 учесник, сите млади од цела држава разговараа и учеа за појавите и ефектите од дискриминацијата но, и за придобивките од развојот на мултикултурното општество.

20220902 120249

Даниел Смиљков кој учествуваше на школата има позитивни импресии, вели дека дружењето и активностите ги надминале неговите очекувања. „Научив за инклузивноста, а и за дискриминацијата која всушност ние активно ја вршиме во форма на прифатена навика“, истакна тој. Смиљков е задоволен од интерактивноста и дебатите меѓу учесниците и предавачите. „Темите човекови права, недискриминација, еднаквост и толеранција се фундаментални во меѓучовечките односи, како иден психолог верувам дека знаењата ќе ги употребам во мојата работа за постигнување еднаквост и толеранција во секојдневната комуникација и активности со другите луѓе", додава тој.

20220903 100154

За Едис Ќесаси летната школа била „одлична можност за вмрежување со луѓе од различни градови, на различна возраст, со различно образование и од различна етничка припадност“. Тие карактеристики, според него, ја нагласиле потребата од меѓусебна толеранција и инклузија на сите граѓани во општеството. „Беше важно што отворено се зборуваше за реалните проблеми во нашето мултикултурно општество и за нивното надминување. Одличниот пристап на предавачите овозможи подобра интеракција која доведе до суштински дебати помеѓу учесниците и секако до зголемени познавања на темата“, вели Ќесаси. 

20220902 143636

Учесниците отворија дебата за односите меѓу различни групи граѓани во Македонија и за потребата од развивање пристап од долу нагоре (bottom up) во граѓанскиот активизам за справување со големата нетолеранција и дискриминација кон ранливите групи на граѓани. Младите се појдовна точка во креирањето на поголема општествена свест за отворање и решавање на прашањата за родовата еднаквост, социјалната еднаквост, почитувањето на различностите и слично.  

„Учествувајќи во летната школа стекнав искуства како да ја превенирам и спречам дискриминацијата, а тоа ќе ми значи во понатамошниот личен развој,“ рече Милица Стојковиќ и додаде дека  школата и овозможила да се осознае самата себе и подобро да ги разбере другите индивидуи.

20220901 161605

Со оваа летна школа МЦМС влијае на креирање критична маса на идни млади активисти и практичари кои можат ефикасно да ги препознаат клучните предизвици во областа на заштита на човековите права и борбата против дискриминацијата. Иако со различна образовна позадина младите успешно ги посочија негативните ефектите од дискриминацијата во секојдневниот живот. 

Летната школа е дел од проектот „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, имплементиран од МЦМС, а финансиски поддржан од Европската Унија.

20220903 115248

Главната цел на проектот е да придонесе за зајакнување на институционалниот одговор за борба против дискриминацијата и неправедниот третман кон маргинализираните групи и граѓани. 

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Секој еден против дискриминација - втора Летна школа за млади