Голем интерес за грантовите за следење на изборните ветувања - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Голем интерес за грантовите за следење на изборните ветувања PDF Печати Е-пошта
Среда, 21 септември 2022 12:40

Повеќе од 70 претставници на граѓанските организации ја проследија информативната сесија за повикот за доделување грантови за иновативни иницијативи за граѓански организации, која се одржа на 14 септември 2022 година онлајн, на платформата Зум. Тие слушнаа повеќе за целта на повикот, за начинот на пријавување, за содржината на пријавата,  типот на трошоци кои можат да бидат финансирани, и сл. Повикот е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија. Проектот го спроведува  Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а администрирањето на грантовите го прави Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). 

Info sesija

Предложените иновативни иницијативи треба да идентификуваат проблем во заедницата за кој било ветено решавање или, пак, решение за кое било ветено остварување (во изборната програма) од страна на локалната власт и/или е вклучено во тековната програма на локалната самоуправа, и да ја мобилизира заедницата да ги потсети локалните власти на нивните дадени ветувања. „Идејата на проектот не е граѓанските организации да ги реализираат ветувањата на избраните локални власти туку да направат притисок врз локалните институции да бидат одговорни и тие да ги спроведат ветените активности“ истакнаа од ИФЕС. 

Претставници на МЦМС и на ИФЕС детално ја објаснија постапката за аплицирање и содржината на пријавата. Учесниците имаа можност да ги разјаснат нивните недоумици и на самото место да добијат одговори на конкретните прашања во врска со програмата и повикот. Прашањата најчесто се однесуваа на идентификувањето и изборот на ветувањата чија реализација ќе биде следена, на ангажманот на мобилизаторите и нивната обука, видот на подобни трошоци итн.   

Инфо сесија 2

Прашањата одговорени на информативната сесија, како и оние кои претходно беа доставени преку електронска пошта можат да се погледнат на веб страницата на проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“.

Повикот за грантови за иновативни иницијативи беше отворен на 5 септември. Рокот за поднесување на пријавите е 30 септември 2022 година. 

Предложените активности треба да траат најмалку четири, а најмногу шест месеци. Барањето за грант не треба да надминува износ од 300.000 денари, а расположливиот вкупен износ за повикот е 6.600.000 денари.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Голем интерес за грантовите за следење на изборните ветувања