Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Музиката ги развесели, граѓанските организации ги активираа посетителите на Д Фестивал PDF Print E-mail
Thursday, 20 July 2017 08:52

Голема раздвиженост во делот од кампот на Д Фестивал, каде што беа сместени тендите со претставниците на граѓанските организации, од 14 до 16 јули 2017. Цивика мобилитас веќе трета година по ред го поддржува учеството на граѓанските организации на фестивалот, а оваа година и со мал акциски грант. Млади од кампот постојано ги посетуваа штандовите, а учествуваа и на дебатите организирани од страна на граѓанските организации.

Muzikata gi razveseli gragjanskite organizacii gi aktiviraa posetitelite na D Festival

Речиси не минуваше ниту минута а да не застане некој од камперите кај штандот на Цивика мобилитас. Тие не само што земаа од промотивните материјали и разните реквизити, како на пример ладала, фризби и топки, кои беа донесени за нив, туку и се задржуваа за да разговараат со некој од тимот за програмата Цивика мобилитас.  Многумина од нив сакаа да разговараат и за нивните и за проблемите во нивното опкружување, барајќи начин како тие да се решат. Членовите на тимот на Цивика мобилитас со секој од нив минуваше онолку време колку што е потребно за да ги разговаат можностите за евентуална помош на засегнатите.

Интересот се засили особено по презентацијата на Даниела Стојанова, претставничка на Цивика мобилитас, во Дебатниот шатор, во сабота во 14 часот. Таа говореше за поддршката што оваа програма му ја дава на граѓанскиот сектор во Македонија. Стојанова ги повика учесниците да ја посетат веб-страницата на Цивика мобилитас, особено адресарот на граѓански организации, за да видат со која организација можат да соработуваат или да се вклучат во неа, за решавање на одредени локални проблеми. Ги поттикна и да се организираат во неформални здруженија, кои Цивика мобилитас исто така ги поддржува.

civica-mobilitas-na-d-festival

Д-муабет

Националниот младински совет на Македонија организираше дебата наречена Д-муабет, на која како говорници беа поканети Ива Јовановска од Контакт 59 и Горјан Атанасов од МакеДокс. На самиот почеток, модераторот од Националниот младински форум, Бојан Петровски, рече дека сакаат да разговараат за тоа што им треба на младите за да бидат успешни во културата и музиката. Вокалистката на Контакт 59, инди-рок и пост-панк група, победник на последниот Лузер фест, Ива Јовановска, говореше за тешкотиите со кои се соочувала групата, но и упорноста на членовите за да создаваат нешто убаво и да дојдат до успехот. Горјан Атанасов од Здружението за промоција на документаристика МакеДокс, говореше за своето искуство како млад во светот на културата. Според него, тежок пат треба да се изоди за да се успее во културата, затоа што таа е недоволно застапена и поддржана во Македонија, па така, за младите има уште помал простор. Но, решителноста мора кога-тогаш да даде резултати, рече тој.

D-muabet

Патувачко кино на МакеДокс

А, кога сме веќе кај МакеДокс, со нивното Патувачко кино на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, прикажуваше документарни филмови во текот на трите денови на Д-Фестивал, во црквата Свети Илија во Стар Дојран. Годинава беа прикажани осум документарни филмови со музичка тематика. Публиката имаше можност да ги гледа документарците „Мојот превртен свет“ на Петра Селишкар“ и Бранд Ферро, „Барајќи го Шугармен“ на Малик Бенџелул, „Депонија“ (Waste Land) на Луси Вокер, „Чија е оваа песна?“ на Адела Пеева“, „Во потрага по Фела“ на Алекс Гибни,  „Марта и Ники“ на Тора Мортенс и „Анплагд“ на Младен Ковачевиќ.

Patuvachko kino na MakeDoks

Дроги во контекст на музички фестивал

Граѓанската организација ХОПС одржа eдукативна работилница „Дроги во контекст на музички фестивал“, со цел да се зголемат мерките на претпазливост околу користењето дроги како од корисничка, така и од организациска страна. На почетокот беше презентиран документарниот филм „I am rebel – The love drug“, а потоа на интерактивен начин учесниците се запознаа со најчесто употребуваните дроги, новите трендови на употреба и практики за намалување на штетите од нивното користење.

„Да не се лажеме, користењето на било која дрога носи ризик со себе и затоа е најдобро тие да не се користат. Но, доколку сепак се употребуваат, најдобар начин за намалување на ризиците и штетните последици е едукацијата за дејствата, дозирањето, траењето, начинот на безбедно користење, како и мешањето и интеракцијата со други дроги“ – рече д-р Давор Смиланов, фацилитатор на работилницата.

Drogi vo kontekst na muzichki festival

Отпадот загадувач или ресурс

Се одржа и работилницата „Отпадот загадувач или ресурс“, која ја организираше Центарот за климатски промени. На неа се разговараше за отпадот што го создаваме секојдневно, за негативните влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето, за начинот на кој можеме да го намалиме неговото создавање. Се прикажаа и два филма, во кои можеше да се види различниот пристап при постапувањето со отпадот во Македонија и во развиените земји. За крај беше оставен квизот „Еко-милионер“, на кој се поделија бесплатни пијачки за учесниците со точни одговори. „Најважното од сѐ е тоа што добивме многу различни мислења за отпадот и загадувањето и ги поттикнавме младите луѓе да размислуваат за последиците од неговото создавање и начинот на справување со овие проблеми во нашата земја“, рекоа од Центарот за климатски промени.

Otpadot zagaduvach ili resurs

I fail

„Ако ве интересира за неуспесите на успешните, тогаш треба да го проследите овој отворен муабет, каде слободно ќе може да го поставите вашето прашање, да слушнете и научите нешто од нашите познати македонски ’фаци’“, пишуваше во повикот до камперите за дружење со хип-хоперот Да Џака Накот, со Ристо Вртев, основачот на легендарниот македонски бенд Архангел, и со Благој Истатов, поранешен фудбалер, кој не успеа да дојде. На барањето на модераторот да кажат за некој нивни неуспех, Да Џака Накот раскажа како пред еден настап испил толку многу алкохол, што кога дошло времето да се качи на бина, тој не можел да пее. Тоа го натерало никогаш повеќе пред настап да не пие алкохол. А, Ристо Вртев зборуваше за тоа дека музичката кариера му започнала со групата Мизар и дека додека бил во војска, тој бил исфрлен од групата. Но, тоа го поттикнало да ја создаде групата Архангел. „Додека ги истуркувам работите до крај, јас се сметам за успешен“, рече, меѓу другото, Вртев. Овој настан беше организиран од страна на Global Shapers Community.

I fail

Во текот на трите денови Д-Фестивал, беа организирани и други дебати, работилници и уметнички активности.

 

Проекти

Civica Mobilitas

 

Tacso

New

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Музиката ги развесели, граѓанските организации ги активираа посетителите на Д Фестивал