Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

По 15 години транзиција – Од стабилизација кон граѓанско учество PDF Печати Е-пошта

Автори: Сашо Клековски, Горан Булдиоски, Фатмир Битиќи, Емина Нурединоска, Наташа Габер-Дамјановска, Келменд Зајази, Сунчица Саздовска, Билјана Герасимовска-Китановска
Дата
: 2006 година
ISBN: 9989-102-35-X
PDF:
po-15-godini-tranzicija-od-stabilizacija-kon-gragjansko-ucestvo-2006.pdf

По 15 години транзиција – Од стабилизација кон граѓанско учествоОвој документ ги претставува резултатите од Цивикус - Индексот на граѓанското општество во Република Македонија, спроведен во периодот од февруари 2004 година до декември 2005 година како дел од меѓународниот проект „Индекс на граѓанското општество“. ИГО на меѓународно ниво е координиран од Цивикус: Светската алијанса за граѓанско учество, а во периодот 2003-2005 година се спроведе во над 50 земји.

Индексот на граѓанското општество на Цивикус (ИГО) е акциско-истражувачки проект што цели кон проценка на состојбата на граѓанското општество во земјите низ светот, со намера да обезбеди основно познавање и да даде придонес на иницијативите за јакнење на граѓанското општество. ИГО е инициран и се спроведува од и за граѓанските организации. Со настојување да ги комбинира проценката, јавната расправа и заедничката акција, ИГО има намера да придонесе кон постојаната дебата како истражувањето може да ја информира јавноста и властите. ИГО е интерактивна проценка на потребите и проект за планирање активности што произлегуваат од проценката на состојбата на граѓанското општество во земјите низ светот.

Општи цели на ИГО се: зајакнување на граѓанското општество и зголемување на неговата одржливост; и, зајакнување на учеството на граѓанското општество во позитивните општествени промени. ИГО собира и споделува корисни и релевантни информации за состојбата на граѓанското општество и го зголемува капацитетот и посветеноста на учесниците во зајакнувањето на граѓанското општество.

Истражувањето се спроведува преку проценка на структурата на граѓанското општество, на околината во која дејствува, на вредностите кои ги промовира и практикува, како и на влијанието кое го прави.

Во секоја земја ИГО се спроведува од страна на Националната координирачка организација (НКО) во соработка со Националната советодавна група (НСГ) и проектниот тим за ИГО во Цивикус. За Република Македонија, НКО е Македонскиот центар за меѓународна соработка, кој е одговорен за раководење и координирање со спроведувањето на ИГО во Македонија. МЦМС, односно Националниот индекс-тим составен од стручни лица и истражувачи, ги собра и синтетизира податоците и информациите за граѓанското општество од различни примарни и секундарни извори. Овие податоци беа користени од НСГ за да ги бодува 74-те показатели, кои заедно ја даваат целосната проценка на состојбата со граѓанското општество.

За наодите од истражувачката компонента засновани на гореспомнатите четири димензии се дискутираше и тие беа потврдени на националната работилница, во која беа вклучени различни учесници во граѓанското општество, претставувајќи ги сите сектори. Учесниците на оваа работилница ги идентификуваа јачината и слабостите на граѓанското општество и дадоа препораки како да се зајакне истото. Меѓународниот проектен тим на Цивикус обезбеди обука, техничка помош и контрола на квалитетот за НКО за време на спроведувањето на ИГО.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Истражувања