Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Извештај за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество во Македонија 2014 PDF Печати Е-пошта

Автор: Огненовска Симона
Дата: 2015 година
ISBN: 978-608-4681-30-4
PDF: izvestaj-za-ovozmozuvacka-okolina.pdf

Izveshtaj za ovozmozhuvachkata okolina za razvoj na gragjanskoto opshtestvo vo Makedonija 2014Втора година по ред, МЦМС го издава Извештајот за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество. Во извештајот се следи овозможувачката околина за развој на граѓанското општество во Македонија за периодот од јануари до ноември 2014 г., преку состојбите во националното законодавство и политиките важни за развојот на граѓанското општество во Македонија и нивната примена во пракса. Следењето беше спроведено во рамките на трите клучни области:

  1. Основни загарантирани законски слободи;
  2. Рамка за финансиска одржливост на граѓанските организации;
  3. Односот меѓу Владата и граѓанските организации.

Граѓанските организации во Македонија продолжуваат да дејствуваат во релативно овозможувачка околина. Дел од главните наоди во овој извештај беа претходно идентификувани и во првиот извештај од 2013 г.

Во првата област, правната рамка која го поддржува и овозможува функционирањето  на граѓанското општество е солидна, преку гарантирање на слободите на здружување, собирање  и изразување. Правото и слободата на јавен собир продолжи значително да биде практикувано. Сепак, забележани се дневнополитички злоупотреби и изолирани случаи на ограничување на просторот на собирање, користење повеќебројно/ несразмерно присуство на полициска сила на мирни собири.

Во рамки на втората област, државното финансирање, вклучително и средствата генерирани од игри на среќа и забавни игри (лотарии) не е реформирано. Отсуствува институционалната поддршка од државата за граѓанските организации, како и кофинансирање на ЕУ и меѓународни проекти. Исто така граѓанските организации продолжуваат да бидат изедначени со другите правни лица во поглед на одредбите во даночните закони, т.е немаат олеснувања.

Третата област која го разгледува односот меѓу владата и граѓанските организации упатува на недостиг од политичка волја за суштинска соработка, и покрај преземените првичните чекори за воспоставување совет за развој на граѓанското општество. Дополнително, во овој извештај истакната е важноста од задолжително вклучување на граѓанското општество во процесите на подготовка на закони и креирање политики.

Најзначајни новини во наодите за извештајот од 2014 г. се објавените две предлог-одлуки од важност за развојот на граѓанското општество за формирање совет и за уредување на постапката за распределување на државните средства наменети за граѓански организации. Исто така значајна новина се и измените во Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање тероризам, со кои граѓанските организации беа изземени од одредбите кои им наметнуваа потенцијални потешкотии во работењето и непропорционалноста во казните.

Извештајот е дел од активностите кои се спроведуваат во рамките на проектот „Аквис (Acquis) на Балканското граѓанско општество - Јакнење на потенцијалот и капацитетите на ГО за застапување и лобирање“, финансиран од Европската комисија и спроведуван од БЦСДН и членките на БЦСДН, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ) и Европската мрежа на национални граѓански организации (ЕННА).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации Листа на истражувања и публикации