Традиционално непочитување на туѓите аргументи - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Традиционално непочитување на туѓите аргументи PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 07 март 2011 16:31

Текст на Сашо Клековски, прв извршен директор на МЦМС, објавен во списанието „Дијалог" (Билтен 2010) , издаден од Цивил.

Пред десетина години еден мој пријател холандски дипломат, кој учествуваше во преговорите меѓу Европската Унија и Полска, ми рече: „Има голем културолошки проблем во водењето на преговорите меѓу ЕУ и Полска, а претходно, кажуваат колегите, имало таков проблем и со Грција. Полјаците мислат дека преговорите се водат со цел ние да ги прифатиме нивните ставови". Оваа констатација ме стави во сериозна мисла, бидејќи пораката од овој мој пријател не се однесуваше само на Полјаците, туку се однесуваше и на нас, дека можеби има некој проблем кој е поширок и универзален, меѓутоа кој го има и во Македонија.

Јас затоа се обидов да разберам што е пораката од мојот холандски пријател. Прво се обидов да си расчистам теоретски дека дијалогот не е за мерење, не е за судење, не е за одлучување - се одлучува на други места, на избори... Дијалогот е за разбирање и учење, и како таков е неопходен за разрешување на комплексните и долготрајните проблеми. Тој е есенцијален дел на партиципативната демократија. Значи, нема партиципативна демократија, ако ние не сме спремни да се разбереме и научиме. Одлуките можат да бидат различни, меѓутоа многу е важно да ги разбереме аргументите и принципите на другата страна.

Сепак, она што ме стави во една поголема мисла е проучувањето на националните култури. Еден друг Холанѓанец, Хофстеде, дефинира пет критериуми за модели на национални култури, еден од нив е одбегнување на неизвесност. Одбегнување на неизвесност значи дека културите сакаат да ја минимизираат можноста за неструктуирани, нови, невообичаени, несигурни ситуации и сакаат да ги уредат работите со стриктни закони и правила, а на филозофско и верско ниво се уверува во една апсолутна вистина. Ваквите општества, во основа со висока култура на одбегнување на неизвесноста, имаат една вистина, имаат повеќе нетолеранција отколку другите општества, имаат предрасуди, имаат граѓани кои не им веруваат на институциите и кои не се вклучени во граѓанското општество, имаат негативен пристап кон младите луѓе и генерално имаат негативен став према политичкиот процес. Кога говориме за типови национални култури, тогаш ќе споменам уште една дефиниција што многу ме замисли. Тоа е дека карактеристиките на националните култури се нешто што е научено од претходните генерации, наметнатно на сегашните, а ќе се пренесе на следните генерации. Значи, станува збор за карактеристики што моделираат цели генерации.

Многу ме загрижи кога констатирав дека, според критериумите на Хофстеде, глобален шампион во избегнување на неизвесност е Грција. Како ќе преговараме со една страна каде што има ваква национална култура. Меѓутоа, уште повеќе ме замисли еден труд, во кој Македонците и Албанците од Република Македонија се на второто и третото место на светската скала по одбегнување на неизвесност. Има автори кои сметаат дека станува збор за долгорочно наследство од владеењето на претходните империи. Неохопдно е да се соочиме со едно културно наследство кое не прави различни од, на пример, оние што го имаат културното наследство на Централна Европа или Скандинавија, или северниот дел на Европската Унија.

Ние мора да се соочиме со една ситуација дека нема достаточен политички, социјален и граѓански дијалог, дека префериран начин на дебата е конфронтирачка комуникација. И таа е легитимна, меѓутоа води во една ситуација на споделени монолози. Најголем дел од нас во основа си ги повторуваат ставовите едни пред други, без да се обидеме да се разбереме за што говориме. Најчестите заклучоци се: се е одлично и ништо не чини. Тие често зависат од хиерархјата во власта, а тоа се должи на, покрај културното наследство, и на недостигот на знаење и вештини.

Ќе посочам некои примери од моето искуство за да не ги теретам другите. Едниот пример е моето учество во воспоставувањето на Заедничкиот консултативен комитет меѓу ЕУ и РМ. Една и пол година доцневме во формирањето на тој комитет бидејќи не можеше да се постигне согласност за тоа кои синдикати ќе учествуваат во комитетот. Проблемот се разреши со медијација од синдикалист од Словенија. Тоа за мене беше показател дека во нашето општество, вклучувајќи ги тука и искусните луѓе, немаме доволно вештини и знаење како да се водат процесите. Затоа јас не гледам негативно на медијацијата, туку напротив. Спорови постојат и добро е да има луѓе кои знаат како да помогнат во нивното разрешување.

Вториот пример е личен. Јас лично го одложив формирањето на Комитетот за три месеци, преговарајќи за ознаката на македонскиот јазик на документите. На крајот прифативме соломонско решение: нема да има ознаки. По извесно време, сепак, документите што доаѓаат од тој комитет се означени со МК, и тоа без никаква ограда, заграда, фуснота и сл. Тоа ми покажа дека некогаш мојата вистина не мора да е прифатена и сфатена и дека треба време за да размениме аргументи за некое прашање.

Последиците од отсуството на дијалог, односно зголемена конфронтација, се намалени можности за раст и развој. Италија е одличен пример за тоа. Таа за само 20 години има пад од 120 проценти на 100 проценти од европскиот просек.

Во однос на моделите за унапредување, само би спомнал два модела што ги предложивме неодамна, прво дека е неопходно многу брзо да профункционира економскиот и социјалниот совет, за да се овозможи социјален дијалог, и, второ, го замоливме председателот на Собранието и Собранието да ги поттикнат претседавач ите на комисиите во Собранитето го користат своето право да повикаат надворешни актери, експерти, граѓански организации... да учествуваат во дебатите во Собранието.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Традиционално непочитување на туѓите аргументи