Медиумите за еколошката свест на граѓаните на Македонија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Медиумите за еколошката свест на граѓаните на Македонија PDF Печати Е-пошта
Четврток, 23 април 2009 08:49

Повеќе медиуми ги објавија резултатите од истражувањето за одговорноста за животната средина што го правеше МЦМС како дел од поширокото истражување за општествената одговорност на граѓаните. Подолу се дел од написите и прилозите:

Животната средина во центарот на загадувањата

Само еден од пет граѓани чувствува одговорност за зачувување на животната средина во Македонија, покажало истражување на МЦМС промовирано по повод Денот на планетата Земја.

Само еден од пет граѓани чувствува одговорност за зачувување на животната средина во Македонија, покажало истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Истражувањето врз 1.600 испитаници, промовирано вчера по повод Денот на планетата Земја, покажало дека 80,7 отсто од граѓаните сметаат дека на фабриките - загадувачи треба да им се забрани работата додека не ги исполнат еколошките стандарди.

- Мнозинство граѓани ја оправдуваат забраната за употреба на пластични кеси и нивна замена со хартиени и платнени, а 41,5 отсто го оправдуваат плаќањето кауција за амбалажа што ја загадува животната средина - се наведува во резултатите од анкетата.

Заради дождот, вчера во Скопје беа одложени неколку манифестации посветени на Денот на борбата против загадувањето на животната средина. Историскиот датум што се смета за почетокот на будењето на еколошката свест на човештвото е 22 април 1970 година, кога околу 200.000 луѓе протестираа против загадувањето на животната средина. Протестите беа организирани во САД, кога околу 30 илјади тони сурова нафта истекоа во Пацификот и ја загадија плажата во заливот Санта Барбара. Луѓето кренаа глас против еколошкото насилство, при што беше формирано првото Движење за заштита на животната средина.

Лилјана Поповска, лидер на Демократската обнова на Македонија, вчера изјави дека е загрижувачки факт што Македонија е мошне лошо рангирана на светската еколошката рејтинг-листа. Таа ги повикува сите градоначалници, советници, невладини организации и политички партии да ја поддржат Декларацијата за зелени општини што ја предлага ДОМ.

- Предлагаме заштеда на енергија, користење обновливи извори на енергија, отворање зелени работни места и зелени бизниси во општините. Во земјава имаме проблем во спроведувањето на Законот за јавната чистота - рече таа.Собраниската комисија за транспорт и врски вчера ја констатира потребата од донесување измени и дополнувања на Законот за јавната чистота.

- Станува збор за допрецизирање на законските одредби. Се предвидува општините во Скопје да ги организираат и да ги вршат работите во однос на јавната чистота, а при врнежи на снег непречен пристап до јавните објекти да обезбедат сопствениците, односно корисниците на јавните објекти. Во спротивно, ќе следат прекршочни санкции - изјави заменик-министерот за транспорт и врски, Љупчо Димов.

Извор: Дневник (23.04.2009)

Истражување за одговорноста кон животната средина

Македонците не се еколошки освестени!

Истражување за одговорноста кон животната срединаСамо еден од пет граѓани чувствува одговорност за зачувување на животната средина, а 21,3% чувствуваат лична одговорност за нејзина заштита.

Македонците немаат развиено чувство за заштита на животната средина. Само еден од петмина граѓани чувствува одговорност за зачувување на животната средина, а 21,3% чувствуваат лична одговорност за нејзина заштита. Овие поразителни податоци се резултат на истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка за одговорноста на граѓаните кон животната средина.Според податоците од истражувањето, македонските граѓани сепак ги поддржуваат мерките за заштита на животната средина, а големо мнозинство дава поддршка за воведување стандарди и мерки за заштита на животната средина. Околу 72% од испитаниците се изјасниле позитивно за исклучување на патничките возила кои не ги исполнуваат стандардите за издувни гасови, а дури 93,5% се за подигање на стандардите за градба заради заштеда на енергија и исто толку за обезбедувањето делумна поддршка (субвенции) од страна на Владата за примена на повисоките стандарди потребни за заштита на животната средина. Повеќе од 80% сметаат дека на фабриките загадувачи треба да им се забрани работата додека не ги исполнат еколошките стандарди. Овој процент значително се зголемува во вардарскиот регион (96,2%) каде граѓаните на своја кожа ги чувствуваат последиците од работата на фабриките загадувачи. Најголем дел од испитаниците околу 80% сметаат дека задолжителното селектирање на ѓубрето од домаќинствата заради рециклирање е оправдано, а мнозинство граѓани ги оправдуваат забраната на употреба на пластичните кеси и нивна замена со хартиени и платнени и строгите казни за фрлање ѓубре на места кои не се определени за тоа. Но, малкумина го оправдуваат плаќањето кауција за амбалажа која ја загадува животната средина.

Извор: Вечер (23.04.2009)

 

Македонците не се еколошки одговорни

Македонските граѓани не сметаат дека лично би можеле да придонесат за зачувување на животната средина. Само еден од петмина испитаници во анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка на тема општествена одговорност во областа на екологијата се сметаат за лично одговорни за заштита на животната средина. Повеќето од испитаниците ги поддржале активностите што ги преземаат институциите на ова поле.

Според анкетата, спроведена на 1.600 испитаници, над 80 проценти од граѓаните сметаат дека фабриките кои загадуваат треба да се затворат.

Извор: Утрински весник (23.04.2009)

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Медиумите за еколошката свест на граѓаните на Македонија