18 години МЦМС - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

18 години МЦМС PDF Печати Е-пошта
Среда, 14 декември 2011 16:11

18godmcmsМЦМС денес одбележува 18 години од своето основање. Постигнувањата можат да се мерат низ повеќе параметри.

Организацијата спроведе 1.544 проекти со вкупен буџет од 48.500.000 евра. Најголем дел од финансиите беа користени за основна и итна помош (31%), а најмногу проекти се однесуваа на граѓанското општество и демократијата (36%). Најголем дел од средствата (71%) што ги обезбеди МЦМС за спроведување на своите активности беа од Конзорциумот за Македонија (составен од агенции поврзани со Светскиот совет на црквите), потоа од сопствени приходи (12%), од ЕУ и други владини и меѓувладини агенции (12%), итн.

i1Повеќе од половината проекти (58%) се спроведени со финансиска поддршка кон други организации, а 19% се спроведени преку обуки и консултации. МЦМС во своето 18-годишно работење поддржа проекти за водоснабдување во 244 села. Се спроведоа 673 обуки преку кои беа обучени 13.429 претставници не само на граѓанскиот сектор, туку и на државната администрација, локалните самоуправи и бизнисот.

i2МЦМС ја препозна потребата за институционална меморија на анализите, дебатите и решенијата што граѓанскиот сектор ги нуди за прашањата од поширок општествен интерес. МЦМС издаде 110 публикации. Во последните години се фокусираше на спроведување и публикување на истражувања кои треба да придонесат кон аргументирана расправа за клучните прашања на македонското општество.

За неколку важни теми, МЦМС спроведе 10 кампањи. Најголем дел од нив се уште се во свежо сеќавање на јавноста, нивните слогани се уште се живи, како на пример „Цело е кога има се!“ или „Кажи Македонија“ (Don’t you fyrom me!). Вредностите и пораките што ги носеа со себе и денес се актуелни.  

МЦМС сите овие успеси ги постигна со придонесот на 68 членови во органите на управување (во четири состави), со исклучителна застапеност по родова, етничка и верска припадност; водството на извршниот директор во најголемиот дел од овој период – Сашо Клековски; 88 вработени и уште повеќе волонтери; како и со партнерите, соработниците, добавувачите и сите други чинители во општеството.  

МЦМС е една од најстарите и најголемите организации на граѓанското општество во независна Македонија. Во своите 18 години работа МЦМС докажа дека има висок капацитет за спроведување на комплексни проекти и прилагодување на брзите промени кои се случуваат во општеството, со подготвеност за соочување со новите предизвици кон постигнувањето на својата визија за мирна, хармонична и просперитетна Македонија.

Инфографик - 18 години МЦМС:  ИСТОРИЈА  |  СТАТИСТИКА


 
 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести 18 години МЦМС