МОЈОТ ИЗБОР 2013 - Сите информации за локалните избори на едно место - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

МОЈОТ ИЗБОР 2013 - Сите информации за локалните избори на едно место PDF Печати Е-пошта
Среда, 13 март 2013 12:57

mojot-izbor-fb[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со Институтот за демократија (ИДСЦС), во рамки на проектот Мојот избор, денес ја промовираа веб страната www.mojotizbor.mk – сите информации за локалните избори на едно место.

На веб страната се презентирани голем број информации поврзани со кандидатите за градоначалници, програмите, изборните кампањи, медиумите, изборниот процес и рејтинзите. Мојот избор 2013 - треба да им помогне на граѓаните да добијат доволно информации за да можат да го направат својот избор на 24 март 2013 година. Дополнително, информациите презентирани тука, можат да им бидат од корист на новинарите при подготовката на нивните анализи и написи поврзани со локалните избори 2013 година.

Веб страната е динамична и информациите во неа постојано се обновуваат. Денес на неа се поставени имињата на сите  кандидати за градоначалници, а за дел од нив од 15-тина фокус општини (за кои имаше достапни информации) објавени се подетални биографии. Кандидатите може да се прегледуваат по политички партии или по општини. Во анализите е публикувано истражувањето „Профилот на мојот пратеник“ подготвено во текот на февруари оваа година. Поврзано со кандидатите, може да се провери колку медиумите известуваат за секој од нив. Статистиките се прават во соработка со порталот Daily.mk.

На страницата во моментов има поставено 92 програми на кандидати за градоначалници или на политички партии. Програмите може да се пребаруваат по политички партии или по општини. Може да се провери и колкаво е известувањето на медиумите за политичките партии. Во следниот период, тука ќе се презентираат и анализите на програмите на кандидатите за градоначалници. Ова е и отворена покана до сите учесници во изборниот процес да ги достават информациите кои недостигаат.

Во делот за изборна кампања излистани се распоредите на митинзи на политичките партии и известувањето на медиумите за различните теми поврзани со кандидатите и локалните избори.

На веб страната може да се најдат и информации за тоа кои медиуми колку известуваат за локалните избори презентирани дневно и неделно.

Во рубриката за изборниот процес се презентирани избирачките места, а можат да се видат и неправилностите кои до сега се пријавени. МЦМС и ИДСЦС ги поттикнуват граѓаните преку веб-страната да ги пријават сите неправилности на кои ќе наидат во текот на изборниот процес.

Во последниот дел од сајтот се (или ќе бидат) поместени објавите за рејтинзите на партиите и кандидатите (на национално ниво и во неколку општини), а тука ќе бидат објавени и резултатите, вклучително и споредбите со претходните избори. Во делот на изборите од 2013 година може да се најде извештајот од првата анкета „Граѓаните за локалните избори“.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести МОЈОТ ИЗБОР 2013 - Сите информации за локалните избори на едно место