Како да се истражи врската меѓу корупцијата и организираниот криминал - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Како да се истражи врската меѓу корупцијата и организираниот криминал PDF Печати Е-пошта
Вторник, 28 октомври 2014 00:00

Од 14 до 16 октомври 2014 година, во Маврово, МЦМС ја организираше обуката „Следење и известување за врската меѓу организираниот криминал и корупцијата“. Обуката им беше наменета на новинарите кои се занимаваат со истражувачко новинарство, а предавачи беа др. Тодор Јаламов, др. Марија Јорданова, Руслан Стефанов и др. Емил Ценков сите од Центарот за изучување на демократијата (ЦИД) од Бугарија.

IMG 9236

За време на обуката, новинарите имаа можност да слушнат повеќе за искуствата поврзани со корупцијата и анти-корупцијата во Бугарија и во Југоисточна Европа; за добрите и лошите пракси; за тоа како се следи и оценува анти-корупцијата и организираниот криминал во Европа; за довербата во правдата, нејзиното следење и оценување; за тоа како е дефиниран процесот на гонење на организираниот криминал во Бугарија; за проучувањето на поврзаноста помеѓу корупцијата и организираниот криминал во Европа и за искуствата на бугарското истражувачко новинарство.

IMG 9244

Македонските новинари зборуваа за тешкотиите со кои се соочуваат при собирањето на податоците кои пред сé се резултат на затвореноста на институциите. Одговорните најчесто бараат да им се испратат барањата по електронска пошта, а потоа го користат правото на одговор во рок од 30 дена. За тоа време, најчесто приказната што се истражува ја губи својата актуелност. Тие зборуваа и за тужбите за клевета кои ги има речиси секој новинар што се занимава со истражувачко новинарство. Според новинарите, за да се истражи одредена приказна принудени се да се служат со „итроштини“.

IMG 4600

Обучувачите им посочија на новинарите корисни извори на информации кои можат да се користат во нивните истражувачки приказни меѓу кои и последниот Извештај за проценка на корупцијата во Македонија. Новинарите посебно се интересираа за алатките за откривање на корупцијата и техниките кои се користеле во Бугарија затоа што се применливи и во Македонија. Меѓу најинтересните теми за нив беше и пристапот за мерење на довербата во институциите и сајбер криминалот како и прекуграничниот криминал. Новинарите сметаа дека размената на искуства со земјите во регионот, но и со другите е доста корисна за нивната работа.

Обуката беше дел од проектот Борба против корупција и организиран криминал што го спроведува МЦМС во соработка со ЦИД од Бугарија. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Како да се истражи врската меѓу корупцијата и организираниот криминал