Имаат ли интерес граѓаните за учество во локалните политики? - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Имаат ли интерес граѓаните за учество во локалните политики? PDF Печати Е-пошта
Петок, 15 ноември 2019 00:00

Форуми во заедницата, координација со претседателите на месните заедници, координативно тело на ниво на граѓанските организации, Младински совет, Локален економски и социјален совет; се само дел од начините за граѓанско учество во Свети Николе кои ги спомна градоначалникот, Сашо Велковски, на форумот „Граѓаните- учесници во локалните политики“ што се одржа на 13 ноември оваа година во Свети Николе.

20191119 Tematski forum Sveti Nikole 2

Околу 50 учесници, најголем дел средношколци, учествуваа во дискусијата за соработка на општините со граѓанските организации и за учество на граѓаните во креирањето на политиките на локално ниво.

Ели Чакар, од Министерството за локална самоуправа, потенцираше дека граѓаните не смеат да ја заборават нивната активна улога во општеството и по изборите. Според неа парите не се главниот проблем за неактивноста, туку непредвидливоста и фактот што нема унифицирани критериуми кои ќе важат за сите општини. Ова се однесува не само на финансирањето на граѓанските организации, туку и на сите активности во кои се очекува тие да учествуваат и да го дадат својот придонес.

За родово сензитивното буџетирање говореше Ѓунер Небиу, претседателка на Женската граѓанска иницијатива Антико. Таа појасни дека ваквото буџетирање не значи зголемување на буџетот, туку реалокација на средствата врз основа на потребите. Ова го илустрираше со примерот на финансирање на школски фудбалски клуб за кој пројавиле интерес момчиња, а нефинансирањето на одбојкарски клуб кој е од поголем интерес за девојчињата.

Бранкица Димитровска, од здружението Хендикеп плус од Крива Паланка, зборуваше за потребата од градење капацитети на граѓанските организации кои работат на политики за лицата со посебни потреби. Таа и препорача на општината да ја надгради веб страната за да го олесни користењето за лицата со визуелни попречености.

20191119 Sv Nikole 2

За Драгана Митровиќ, младински активист, важно е да се појасни терминот „граѓанско учество“ како за возрасните така и за младите. Според неа, младите се самоиницијативни и мотивирани, но често се случува повозрасните да бидат оние кои ќе ги пригушат нивните идеи. Таа спомна дека се направени значајни поместувања и на национално ниво со донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики и Националните стратегии за млади. Ваквиот пристап на решавање на работите претставува голем исчекор во споредба со периодот кога Агенцијата за млади и спорт имаше предвидено буџет за младите од нула денари.

Учесниците се согласија дека потребно е дополнително зајакнување на свеста кај граѓаните за тоа колку е важно нивното учество во креирањето на политиките на локално ниво. Ова претставува двонасочна патека каде обврски и одговорности имаат единиците на локалната самоуправа, меѓутоа и граѓаните кои треба да одат чекор подалеку од пасивното учество кое го практикуваат.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Имаат ли интерес граѓаните за учество во локалните политики?