Јавна дискусија на тема: „Катна гаража - нова можност за Охрид" - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Јавна дискусија на тема: „Катна гаража - нова можност за Охрид" PDF Печати Е-пошта
Четврток, 06 април 2023 14:50

Претставници на локалната самоуправа, граѓанскиот сектор, политичките партии, политичките подмладоци, експерти, архитекти и сите заинтересирани граѓани на 31 март 2023 година во салата на општина Охрид дискутираа на тема „Катна гаража – нова можност за Охрид“. Дебатата што ја организира здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“ ја анимираше охридската јавност за едно од најекспонираните локални прашања изминатиов период. Таа им овозможи на заинтересираните подобар увид во актуелните случувања поврзани со ова прашање. Дискусијата ги опфати и постапките за овој проект, документацијата, локацијата, исплатливоста и досегашните активности. 

IMG 20230331 231246 MCMS

Вкупно 45 учесници имаа можност да ја проследат и презентацијата на урбанистичката анализа на физибилити студијата за катната гаража (SWOT анализа), да ја видат макетата на објектот подготвена од  „Колектив“ АРХИД и да слушнат за компаративната анализа која вклучува и други катни гаражи во земјава и регионот.

Според Љупчо Танески од Секторот за комунален развој на општина Охрид, изградбата на катна гаража ќе го намали притисокот врз сите видови сообраќај што е особено важно во летните месеци кога градот е полн со туристи. Во поглед на локацијата, тој смета дека е важно да се води сметка за два аспекти: пристап до поголема и попрометна сообраќајница, во случајот тоа е улицата „Туристичка“ и централно градско подрачје. 

За катната гаража и предизвиците за културното наследство на Охрид, зборуваше Горан Патчев, од Националната установа (НУ) Завод и музеј – Охрид. Тој истакна дека институцијата извршила стручна контрола и дала позитивно мислење за проектот. Заради изградбата на катната гаража ќе треба да се донесат и соодветни одлуки за посебен режим на сообраќајот во старото градско јадро. „Решавањето на сообраќајното прашање во старото градско јадро беше една од забелешките на УНЕСКО и ова е чекор за позитивно решавање на тој проблем. Треба да се направи баланс помеѓу развојот и заштитата. Ние како институција одиме во тој правец“, рече Патчев.

IMG 20230331 231236 MCMS

Според Никола Ѓоршоски, координатор на проектот, здружението е мост помеѓу општината и граѓанското општество. „Целта е граѓаните да добијат порелевантни и потранспарентни податоци за она што го прави локалната самоуправа со изградбата на катната гаража. Покрај тоа, тие треба да имаат точни и стручни информации од  експертите“ – вели тој. 

Мобилизаторот на заедницата Елена Ристеска ја потенцираше потребата од подобро запознавање на охридската јавност со едно од најекспонираните локални прашања и ветување од предизборието. „Преку пренесувањето на најважните поенти од дебатата ќе се продлабочи и зацврсти релацијата помеѓу граѓаните и локалната самоуправа, што пак би резултирало со потранспарентна и поотчетна локална власт, како предуслов за добро владеење и демократски развој“, вели Ристеска.

Со изградбата на катна гаража во Охрид ќе се решат долгогодишните проблеми предизвикани од сообраќајниот метеж, ќе се подобри квалитетот на живот на охриѓани, а ќе се подобри и туристичката понуда. 

Одржувањето на јавната дебата беше овозможено со проектот  „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Јавна дискусија на тема: „Катна гаража - нова можност за Охрид"