Дијалогот придонесува во развојот на општината - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Дијалогот придонесува во развојот на општината PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 14 ноември 2011 15:08

На 10 ноември 2011 година граѓаните на Крива Паланка по трет пат се сретнаа и разговараа за решенијата на дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Тие дискутираа за пет концепти и тоа: за „Пешачка патека од мостот кај ООУ „Јоаким Крчовски" до новиот зелен пазар"; „Реконструкција на дел од главната улица „Св.Јоаким Осоговски" на локалитетот „Стара чаршија"; „Решавање на проблемот со каскадите на Kрива Река"; „Реконструкција (санација) на импровизиран мост во нас. Бегови Бавчи" и „Уредување на рекреативна патека до локалитетот Станечки Водопади".

IMG 8363

Граѓаните даваа коментари и забелешки на презентираните концепти кои ќе бидат замени предвид при понатамошната обработка во предлог проекти. „Задоволство ми е што учествувам на Форумот на заедницата и што можам да бидам дел од одлучувачкиот процес за решавање на одредени проблеми кои ги мачат граѓаните. Вклучена сум во работната група, која го подготви концептот за изградба на пешачка патека покрај Крива Река, како решение за преоптоварената градска улица во Старата чаршија, обезбедувањето соодветен пристап за граѓаните до Зелениот пазар и за зголемена безбедност во сообраќајот. Форумот за мене е големо и драгоцено искуство за стекнување на нови партнерства и вештини во изработка на проекти, кои ќе ми користат понатаму, не само во професијата, туку и во Организацијата на жени, каде што сум активен член", вели Трајанка Трајковска.

Учесниците во форумот имаат свои фаворити во концептите иако признаваат дека спроведувањето на сите пет се добри и потребни. „Како единствен лиценциран планинарски водач во Крива Паланка давам целосна поддршка на концептот за уредување на рекреативна патека до Станечки водопади", вели Стојанче Величковски. „Би сакал во реализацијата на проектот да влезе и Унијата на професионални планинарски водачи и заедно да придонесеме за афирмација на овој туристички локалитет, кој го користат планинарите, а за кој интерес пројавуваат и голем број домашни и странски посетители."

IMG 8359

Третата форумска сесија ја посетија и Татјана фон Штајгер Вебер, раководител на канцеларијата за соработка и Ибрахим Мехмети, национален координатор на Програмата за добро владеење од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). „Програмата Форуми во заедниците овозможува директна соработка на граѓаните со општината и секогаш кога ги посетувам општините задоволна сум од граѓаните, кои одвоиле време и напорно работат помеѓу сесиите за да и помогнат на општината. Ваквиот дијалог е тоа што придонесува вашата општина да се развива, а ние сме тука да ве подржиме во развојот и да ви посакаме успех во реализацијата на проектите за доброто на сите граѓани", рече Фон Штајгер Вебер во своето обраќање до граѓаните на Крива Паланка.

Сите пет предложени концепти ја поминаа оваа фаза и ќе бидат доработени како предлог проекти. На сесијата присуствуваа 105 граѓани.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Дијалогот придонесува во развојот на општината