Оспособување за работа, но и за надминување на традиционалната улога на жената - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Оспособување за работа, но и за надминување на традиционалната улога на жената PDF Печати Е-пошта
Петок, 08 Февруари 2013 10:18

Започнаа информативните состаноци со претставниците на населените места во општините во кои се спроведува програмата „Оспособување на жените погодени во конфликтот (ОЖП)“. На состаноците се разговара за тоа како ќе се идентификуваат жените кои ќе учествуваат на обуките и како ќе се спроведуваат активностите.

osposobuvanje-za-rabota-na-zenata-1

Првите информативни состаноци со дваесетина претставници на месните заедници, училиштата, локалните претпријатија и советите на општините се одржаа во Теарце на 6 февруари 2013 г. и во Желино на 7 февруари 2013 г. Претставниците на МЦМС, Даниела Стојанова и Фисник Шабани ги запознаа учесниците со целта и планираните активности на проектот. Тие информираа дека околу 150 жени од седумте општини ќе имаат можност да одберат и учествуваат на курсеви за англиски јазик и компјутери и за занимања. По успешното завршување на курсевите за поголем дел од нив е планирано да се обезбеди тримесечен ангажман во форма на обука низ работа во локалните претпријатија.

Учесниците ја изразија својата поддршка на проектот, се интересираа за можноста за вклучување поголем број жени во активностите, предложија да се организираат курсеви во повеќе села и сл. Дискусија се водеше и за критериумите за избор на учесниците, покрај оние кои веќе се утврдени во проектот (погодени од конфликтот и социјално загрозени семејства). Од друга страна, учесниците имаа и забелешки на краткиот период на спроведување на проектот, особено за вклучување на жените во работен процес и воздржаност во однос на можностите за нивно понатамошно вработување. Дел од учесниците сметаат  дека проектот ќе биде добра можност жените од овие општини да излезат од своите средини, да одат на курсеви, да ги запознаат своите сожителки, да разменат искуства.

osposobuvanje-za-rabota-na-zenata-2

Претходно се одржаа пет информативни средби со градоначалниците или нивни претставници во општините Теарце, Желино, Јегуновце, Чаир и Липково.

ОЖП е финансирана од Европската Унија во рамките на 4-та компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА), а се спроведува во партнерство со Флоренс Најтингел од Куманово, Инцијатива за европска перспектива од Скопје и Рекански бисер од Маврово и Ростуша. Целта на програмата е поддршка на пристапот на жените погодени од конфликтот до пазарот на трудот.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Оспособување за работа, но и за надминување на традиционалната улога на жената