Пресметките на излезноста го доведуваат во прашање цензусот на референдумот - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Пресметките на излезноста го доведуваат во прашање цензусот на референдумот PDF Печати Е-пошта
Четврток, 06 септември 2018 12:57

Вкупно 57,8% од испитаниците рекле дека ќе излезат на претстојниот Референдум за решавање на спорот со името, од нив, 70,8% рекле дека ќе гласаат „за“ на референдумското прашање – ова го покажа најновото истражување на МЦМС и Телевизија Телма „Референдум 2018 – ставови на јавноста за решавање на спорот со името“ во чиј фокус беа прашањата за излезност, поддршка на прашањето и причини за тоа.

referendum2 2018

Процентот на оние што нема да излезат на гласање е 28,8% и меѓу нив, најбројни се оние што рекле дека ќе го бојкотираат (59,2%), а 27% рекле дека не ги интересира. 

Како главна причина за поддршка на рефередумот која ја навеле испитаниците е тоа дека договорот ќе помогне за влез на државата во ЕУ и во НАТО (62,3% од нив, односно 25,5% од сите испитаници). Дополнителни 26,7% од нив (односно 10,9% од целата популација) сметаат дека договорот е добро решение за долгогодишниот спор. 

Најчестите причини за гласање „против“ кај испитаниците кои ќе излезат на гласање, што е вкупно 8,6% од сите испитаници, се дека со договорот се менува идентитетот на Македонците и дека со него се нанесува штета на државните интереси.

referendum 2 anketaПрашани за ставовите за неколку изјави, граѓаните се прилично поделени. Па така, 58,5% целосно или делумно се согласуваат дека сите граѓани  треба да излезат на референдумот, а 34,9% не се согласуваат со оваа изјава. За 55,9% референдумот треба да биде задолжителен, а не консултативен; 52,6% целосно или делумно се согласуваат дека Македонија нема подобри алтернативи од ЕУ и од НАТО, за разлика од 35,3% кои целосно или делумно не се согласуваат. Вкупно 57,6% сметаат дека одлуката за референдум мора да биде донесена во согласност со сите политички партии. Мнозинството (52,6%) смета дека референдумското прашање е јасно формулирано, а договорот со Грција е добар компромис меѓу заложбите за зачувување на идентитетот и стремежот за интеграција во ЕУ и во НАТО (51,2% наспроти 41,6%). 

Од друга страна, мнозинство од испитаниците (50,7%)  не се согласуваат со изјавата дека „постапката во Собранието за спроведување на договорот треба да продолжи без оглед на исходот на референдумот“

Нема мнозинска поддршка за три прашања па така, 48,0% се согласуваат дека договорот им штети на државните интереси, додека 40,5% не се согласуваат и, 42,2% се согласуваат дека Македонија не може да добие подобар договор со Грција во иднина додека 40,0% не се согласуваат. Вкупно 46,3% не се согласуваат со изјавата дека треба да се следи волјата на мнозинството граѓани што ќе гласаат, без оглед колку граѓани ќе излезат да гласаат, дури и ако се помалку од 50%, за разлика од 43,0% кои се согласуваат.

За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Во анализата на податоците учествуваше и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје. Податоците за последната анкета беа прибирани со теренска анкета во периодот од 7 до 25 август 2018 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. 

Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД. 

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Пресметките на излезноста го доведуваат во прашање цензусот на референдумот